Поранешната финска премиерка Сана Марин ја напушта политиката
Поранешната финска премиерка Сана Марин, која беше една од најмладите европски лидери и силен глас во поддршката на Украина, во четвртокот рече дека се откажува од финската политика и ќе се приклучи на непрофитна организација со седиште во Лондон.
Марин, која имаше 37 години кога ја презеде функцијата во 2019 година, водеше петпартиска владина коалиција на левиот центар до април оваа година. Таа доби пофалби за справувањето на нејзиниот кабинет со пандемијата на Ковид-19 и нејзината гласна поддршка на Украина во последната година ја зголеми нејзината меѓународна видливост. Таа, исто така, ја водеше нејзината земја да стане 31. членка на НАТО.
„Време е да продолжиме понатаму“, ја цитираше нејзината изјава финскиот јавен сервис ИЛЕ. „Нестрплива сум да влезам во нова улога. Исто така, верувам дека тоа може да биде од корист за цела Финска“.
Во април, Финска се приклучи на воената алијанса на НАТО, нанесувајќи му голем удар на рускиот претседател Владимир Путин со историското преуредување на безбедносниот пејзаж на Европа по Студената војна, предизвикан од инвазијата на Москва на Украина. Финска усвои неутралност по поразот од Советите во Втората светска војна, но нејзините лидери сигнализираа дека сакаат да се приклучат на НАТО откако инвазијата на Москва на Украина предизвика морници од страв кај нејзините соседи.
„Верувам дека можам да им служам на овие гласачи (во Финска) добро, а можеби и подобро во новата задача“, рече Марин на прес-конференција додека го најави своето заминување од 200-члениот фински парламент Едускунта. На почетокот на овој месец таа се повлече од функцијата шеф на Социјалдемократската партија.
Марин ќе се приклучи на Институтот за глобални промени „Тони Блер“ и претходно овој месец, непрофитната организација рече дека таа ќе стане „стратешки советник“.
„Задачата ќе биде да бидам советник на различни земји, влади и лидери за политички прашања кои ми се познати, како што се добро владеење, технологија, клима, родова еднаквост и други прашања со кои морав да работам“, рече таа според весникот „Хувудстадсбладет„.
На парламентарните избори во април, таа загуби од главната конзервативна партија во Финска во тесната тристрана трка во која десничарските популисти го зазедоа второто место. Социјалдемократите на Марин завршија на третото место, рушејќи ги нејзините надежи за реизбор. (АП)