Поранешна дактилографка во наци-логор на 97 години е осудена за 10.500 убиства
Ирмград Фирхнер, која работеше во концентрациониот логор Штутхов, доби двегодишна условна казна
97-годишнaта поранешна дактилографка во нацистички концентрационен логор е прогласена за виновна за соучесништво во убиството на повеќе од 10.500 луѓе затворени таму и е осудена на двегодишна условна казна.
Ирмгард Фурхнер, на која повеќе од една година ѝ се суди во северниот германски град Ицехое, претходно овој месец зборуваше со судот во една прилика за да каже дека се жали за тоа што се случило, но не ја призна вината.
Почетокот на нејзиното судење беше одложен во септември 2021 година, кога таа накратко беше во бегство. Откако не се појави на суд, таа беше пронајдена од полицијата неколку часа подоцна на периферијата на Хамбург, по што беше задржана во притвор пет дена и ѝ беше поставена електронска ознака на зглобот.
Фурхнер работела во логорот Штутхоф помеѓу 1943 и 1945 година како секретарка на командантот на логорот, Пол Вернер Хопе, кога имала 18 и 19 години. Таа била судена во суд за малолетници поради нејзината возраст во времето кога биле извршени злосторствата.
Таа е првата жена цивил во Германија која е одговорна за злосторства извршени во нацистички концентрационен логор.
Судијата Доминик Грос рече дека судењето ќе биде „едно од последните криминални судења во светот поврзани со злосторствата од нацистичката ера“ и презеде необичен чекор да дозволи постапката да се снима за „историски цели“.
На судењето, кое се одвиваше во текот на 40 дена на седници од околу два часа, поради староста на обвинетата, беа сослушани 30 преживеани и роднини на затворениците од Штутхоф од САД, Франција, Австрија и балтичките земји.
Исто така, сведочеа и историски експерти кои дадоа детали за секојдневниот живот во Штутхоф и улогата што ја одиграла Фурхнер во помагањето на бирократското процесирање на затворениците, како и информации за третманот на затворениците, вклучително и методите на тортура и процедурите вклучени во систематското убиство на илјадници од нив, на кои рекоа дека таа била запозната.
Многу затвореници беа оставени да гладуваат и смрзнуваат на отворено. Се проценува дека од 63.000 до 65.000 луѓе, од кои околу 28.000 биле Евреи, биле убиени во Штутхоф, главно во гасни комори, некои со истрел во задниот дел на вратот за кој затворот имал специјално изграден објект.

Еден од најзапаметените заеднички тужители беше 84-годишниот Јозеф Саломоновиќ, кој го преживеа Штутхоф и даде исказ во декември 2021 година, откако отпатува до судот од својот дом во Чешка. Неговиот татко, Ерих, бил погубен во Штутхоф.
Саломоновиќ држеше фотографија од својот татко и директно ѝ се обрати на Фирхнер. Надвор од судницата, тој рече дека сакал да ја соочи со ликот на неговиот татко. „Таа е индиректно виновна, дури и ако седеше само во канцеларијата“, рече тој.
За време на судењето, претставници на судот, вклучително и судијата, го посетија зачуваниот локалитет Штутхоф, во близина на Гдањск, на тогашната територија што беше анектирана од Германија. Таму тие самите ја увидоа близината на бирото на Фурхнер во канцеларијата што таа ја делеше со другите секретари за работата на машинеријата на смртта во логорот, вклучувајќи гасни комори, крематориум и бесилка. Тие заклучија дека погледот што го имала од нејзиниот прозорец, нејзиното одење до и од канцеларијата, заедно со нарачките што ѝ биле наложени да ги обработува на машината за пишување и преку телефон, биле доволни за таа да има доволно увид и затоа активно учествувала во она што се случуваше во кампот.
За време на судењето, Фирхнер редовно разговараше со судијата преку нејзиниот адвокат, но малку кажа. Таа обично беше донесена на суд во амбулантно возило опкружено со лекари, носејќи очила за сонце и маска за лице и во инвалидска количка.
Нејзиниот адвокат, Волфганг Молкентин, рече дека неговата клиентка не ги негирала злосторствата што се случиле во Штутхоф, но негираше дека самата е виновна за нив. (Гардијан)