Поранешен италијански министер осуден на две години и десет месеци затвор

Поранешниот италијански министер за култура и екс-градоначалник на Венеција Џанкарло Галан е осуден на две години и десет месеци затвор поради корупциска афера, а парите од поткупот ги чувал во Загреб.

Галан е осуден, бидејќи при изградбата на браната Мојсеј во Венеција примил мито од конзорциумот Венеција Нуова, а тие пари ги чувал и перел во Хрватска.

Весникот „Кориере дел Венето“ пишува дека поранешниот министер ставил милион и пол евра во загрепската филијала на банката Венето, на сметка на сопругата на поранешен соработник.

Прашан за наводите на финансиската полиција дека на негови сметки во странство биле откриени пари од поткуп, Галан искоментира дека тоа е стара приказна.

-Тоа е стара приказна. Таа сметка во Хрватска веќе се појави на суд во 2014 година. Ајде да видиме, тие велат дека станува збор за милион и пол. Колку што се сеќаван, ги плативме даноците, изјави поранешниот министер.

Галан двапати ја извршуваше функцијата министер.
 Тој исто така беше и официјален претставник на партијата на Силвио Берлускони „Напред Италија“, како и гувернерот на регионот Венето.

Во 2014 година Галан заврши в затвор и мораше да плати 2,6 милиони евра. Покрај него, тогаш беа уапсени и тогашниот градоначалник на Венеција Џорџо Орсони и советникот за инфраструктура Ренато Чисо.

Галан беше обвинет дека примал милион евра мито годишно и тврдеше дека не е виновен.

Проектот Мојсеј, чија цел беше градот да биде заштитен да не потоне во лагуната во која е изграден, првпат се разгледуваше во 1996 година, но изградбата на системот за заштита почна дури во 2004 година поради спорови во врска со финансирањето и влијанието врз животната средина.

Весникот „Кориере дел Венето“ пишува дека финансиската полиција запленила 12,3 милиони евра во истрагата за Галан.