Поранешен авганистански министер доставува храна во Германија


До пред некоја година бил министер во Авганистан, но дал оставка, заситен од корупцијата. Саед Садат сега во Германија заработува за живот како доставувач на храна.

Шест часа секој ден во неделата и од пладне до десет навечер во сабота и во недела, Садат ја облекува препознатливата портокалова блуза и зема голем ранец, па доставува пица и друга храна.

„Нема срам во тоа. Работа е работа“, вели тој за АФП.

Повеќе од 200.000 Авганистанци бараат азил

Садат е еден од илјадниците Авганистанци кои го нашле својот дом во Германија последните години.

Од 2015 година и големиот прилив мигранти од Сирија и од Ирак, околу 210.000 Авганистанци побарале азил во Германија. Поради тоа се најбројна група која таму бара азил.

Со враќањето на талибанците на власт, Германија од земјата евакуира уште 4.000 Авганистанци, меѓу кои и они кои работеа за НАТО и за ЕУ.

Патувањето на Садат во Германија не е толку драматично.

Тој бил министер за комуникации во авганистанската влада од 2016 до 2018 година, но поднел оставка затоа што повеќе не можел да ја трпи корупцијата во владата.

„Постоеше разлика меѓу мене и луѓето на претседателот“

„Кога работев како министер, постоеше разлика меѓу мене и потесниот круг луѓе на претседателот“, раскажува тој. „Тие ја гледаа својата корист, а јас сакав парите навистина да се користат за спроведување проекти“.

По оставката се вработил како советник во авганистанскиот телекомуникациски сектор. Но, до 2020 година ситуацијата во земјата се влошила и одлучил да замине.

Садат има двојно авганистанско-британско државјанство, но во Британија не можел да најде работа во струката па се одлучил за Германија, во која видел повеќе прилики за тоа.

Меѓутоа, проблемот настанал затоа што не зборува германски и се мачел да најде работа.

Јазикот планирал да го научи, но планот го нарушила пандемијата. Сега четири часа дневно учи германски, пред да седне на велосипедот и да доставува храна за „Лиферандо“.

„Знам дека ова е краткорочно“
Платата му е 15 евра на час, доволно за да ги покрие трошоците за живот и станарина од 420 евра месечно.

Не жали за одлуката да се досели во Германија.

„Знам дека ова е краткорочно, додека не најдам друга работа“, вели тој. Дотогаш се фали со својата физичка подготвеност, резултат на тоа што месечно поминува и по 1.200 километри со велосипед.

Со враќањето на талибанците на власт и со повлекувањето на НАТО од неговата земја, смета дека во Германија му се отвора уште една можност.

„Можам да ја советувам германската влада за Авганистан, затоа што таму сѐ ми е познато“.

„Не кревајте раце од Авганистан“

Меѓутоа, признава дека од германските власти уште никој не му се јавил.

Мисли дека талибанците за човековите права и за жените „можеби научиле од своите грешки во минатото“, но ја повикува меѓународната заедница да не крева раце од Авганистан.

Особено не кога во прашање е економската поддршка.

Околу пладне почнува да пребарува низ својот телефон. „Морам да одам“, вели. „Време е за првата достава“.(АФП)