Пораки за обединување од прославите на Илинден, одбележувањето на празникот во сенка на пожарите
Пораки за обединување беа упатени вчера од прославите организирани во Скопје, Пелинце и Крушево по повод одбележувањето на 2 Август Илинден – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската Република во 1903, а потоа и на вториот Илинден во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.
Прославата беше засенета од повеќето пожари кои попладнето избувнаа на неколку локации во земјава, а особено од пожарот во Кочани кој што се приближи до населбите во градот и оштети неколку куќи. Гаснењето на огнот во кое се вклучија и противпожарни единици од повеќе градови од земјава беше отежнато од силниот ветер и многу топлото време, но сепак до вечерните часови огнената стихија беше ставена под контрола и локализирана. По наредба на шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски прогласена е и тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.
По повод Илинден, претседателот Пендаровски вчера беше во Крушево, каде првпат промовираше нов концепт на одбележување на националниот празник без вообичаениот говор на Мечкин Камен, туку со кусо видео-обраќање по повод Денот на Републиката и со заедничка прослава на која освен претставници на државниот врв, беа поканети и сите парламентарни партии и која требаше да симболизра обединување. На прославата првпат присуствуваше лидерот на ДУИ Али Ахмети, додека претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја одби поканата за присуство.
Пендаровски во видео-пораката потсети дека годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои, како што рече, имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби, кои, рече, мора да ги надмине и да се обединиме околу основните иделаи на Илиндн 1903 и АСНОМ 1944.
– Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас. За многу години Илинден! Да ни е вечна и вековита републиката – Северна Македонија!, наведе претседателот во својата илинденска честитка.
Премиерот Зоран Заев претходно присуствуваше на одбележувањето на празникот во Пелинце, од каде порача дека континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на двата Илиндена – 1903 и АСНОМ 1944, а третиот Илинден е нашиот стремеж кој го живееме денес и го носиме неговиот пламен во иднината, каде што припаѓаме.
– Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден. На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден, огнот што го распламтија плејада македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци и припадници на другите народи во нашата земја… Илинден не е врзан за ниту една идеологија. Ги надминува границите на кој било временски период. Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Србите, Турците, Власите, Бошњаците и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро иднина во нашата татковина, во нашиот дом, порача премиерот.
Тој додаде дека нашиот трет Илинден е печатот ставен на личната карта на Северна Македонија во ОН, држава во која официјален и службен е македонскиот јазик.
– Нашиот трет Илинден е и нашата борба и нашата победа на демократските наспроти декадентните вредности. Победата на парламентаризмот и дијалогот наспроти едноумието, омразата и насилството. Нашиот Илинден е правдата и владеење на правото базирани на принципот дека сите се еднакви пред законот. И уште еден илинденски принцип чуваме и негуваме и постојано повикуваме да ни биде пример. Обединување и единство околу најважните прашања за нашата земја. Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите. Нема да престанам да повикувам да бидеме сложни и единствени заради граѓаните и заради татковината, за заедничкиот напредок. Секогаш да настојуваме да правиме чекор повеќе во изградбата на нашето едно единствено еднакво општество за сите – углед на големата европска идеја обединети во различностите, нагласи премиерот.
То додаде дека континуитетот во остварувањето на нашите стратешки интереси како наш трет Илинден е и нашето членство во НАТО и повика да се продолжи кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во ЕУ. Во својот говор Заев се осврна и на соработката со соседните земји, за иницијативата „Отворен Балкан“ и на односите со Бугарија. Тој изрази уверување дека Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Софија нема да биде пречка за Северна Македонија.
– Заедно ќе го обезбедиме тоа бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи, истакна Заев кој ја предводеше владината делегација во Крушево на централната прослава на Илинден, на покана на шефот на државата Стево Пендаровски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќање на прославата по повод Денот на Републиката во Скопје, порача дека важноста на овој празник е во духот на заедништвото, храброста, визионерството, односно тоа што претставува концепт којшто ги опишува заедничките вредности кои ги славиме и ги празнуваме. Нашата држава, додаде тој, е спој на различности, каде секој уникатен дел расте и се развива врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите коишто живееле и биле дел од ова поднебје.
Осврнувајќи се на неодамна донесената Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции, Џафери ја оцени како најдобра потврда за тоа дека има заемна почит, се води заедничка битка за одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото. Со членството во НАТО, истакна тој, државата докажа дека се движи кон вистинскиот пат, потсетувајќи оти беа донесени тешки државни одлуки што го деблокираа патот кон евроатлантската интеграција, што овозможи политичко созревање.
– Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани, истакна Џафери.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со цитат од Крушевскиот манифест на неговиот официјален фејсбук-профил го честита националниот праник 2 Август – Илинден со порака дека наследството што треба да го чествуваме од нашите Илинденци и Асномци се соживот, еднаквост, државотворност, правда и слобода.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби по повод 2 Август – Денот на Републиката порача дека кога Албанците, Македонците и другите се здружени, им пркосат на препреките и ги отвораат перспективите за идните генерации да живеат во мир, слобода, демократија и во пријателство со другите народи. Токму Илинден го одбележуваме како еден од тие моменти на соединување во историјата за подобра заедничка иднина за сите нас, оцени Груби.
– Од Крушево, па се до Охрид, напорите за слобода и еднаквост се соочуваа со безброј предизвици низ децении, системи и власти. Но, идејата на којa и е дојдено времето и волјата на граѓаните за да живеат слободни и еднакви не може да ја спречи ниедна власт, додаде Груби во честитката, посочувајќи дека само заедно сме посилни и подобри.
Во видеообраќањето по повод националниот празник 2 Август – Илинден шефот на дипломатијата Бујар Османи порача дека во современиот контекст, ова е празник кој создава мостови и за внатрешно и надворешно поврзување. Онака како што преку Охридскиот рамковен договор ја зацврстивме внатрешната интеграција, онака како што преку договорот од Преспа ги надминавме разликите со нашиот сосед Грција, вели Османи, така и преку имплементација на Договорот за пријателство ќе ги надминеме и разликите со нашиот сосед Бугарија.
– Илинден, е важен ден и за нашите соседи во Република Бугарија. За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе не обедини, историски настан преку чие заедничко одбележување ќе покажеме меѓусебна почит и меѓусебно признание. Изразувајќи почит кон различноста, кон различниот поглед на историските текови, денес преземаме обврска да создадеме современи општествени текови кои ќе овозможат заедничка иднина за граѓаните на двете држави. Преку засилена секторска соработка им овозможуваме на граѓаните, на бизнисите, на уметниците и сите останати општествени чинители да ги надградуваат меѓусебните релации без разлика на политичките разлики. Паралелно, преку работата на мешовитата експертска комисија ќе продолжиме да ги бараме точките кои нѐ поврзуваат, отстранувајќи ги разликите кои не оддалечуваат, посочи Османи.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој ја одби поканата на претседателот Пендаровски да учесвува на прославата во Крушево, 2 Август – Денот на Републиката го одбележа во Ташмаруништа, Струшко, од каде упати порака за обединување во блок против актуелната власт.
– На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таквата подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност спрема народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука од Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт до сега, рече Мицковски.
Тој нагласи дека местото на земјава е во семејството на Европската унија, а инизијативата „Отвоерн Балкан“ ја оцени како уште еден пораз за државата и неисполнување на најголема стратешка цел, членството во Унијата. Мицкоски се заложи и за почитување на црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата во спорот со Бугарија, кој како што рече, „не е натпревар на 100 метри, туку посега по нашиот идентитет и битие“.