Порака од Берлин: Ако нема реформа на ЕУ нема да има ни проширување

Германската влада бара институционални реформи за да може Унијата да биде способна да прими нови членки. Тринаесет земји-членки се против реформите


Германската влада бара да се укине едногласности за надворешната или даночната политика

 

Германија ќе се согласи со пристапување на нови земји-членки само ако овој процес е придружен со реформа на ЕУ со цел да не се загрози способноста на блокот да дејствува, изјави Јерг Кукис, државен секретар во германската влада и главен советник на канцеларот Олаф Шолц на настан организиран од „Еурактив“.

Повикот за реформи во ЕУ досега наиде на отпор – особено од источните и скандинавските земји-членки, но Берлин е уверен дека може да се постигне консензус за реформирање на ЕУ.

Според Кукис, успехот на реформата на ЕУ ќе се сведе на „колку тешко преговараме“ и „колку јасно комуницираме дека ќе дозволиме проширување само ако има институционални реформи“.

„Како германска влада имаме многу јасни позиции за ова, а одговорот е дека ни требаат институционални реформи. Барем во исто време со проширувањето“, додаде тој на настанот организиран во петокот.

Германската влада ја истакна важноста од реформирање на ЕУ откако таа ја презеде функцијата минатата година. Коалицискиот договор дури ја обврзува владата да се заложи за развој на ЕУ како европска федерација.

Оттогаш, германската влада усвои „попрагматичен“ пристап кој бара институционална реформа во рамките на постојната договорна рамка.

Додека Шолц за време на својот говор на Карловиот универзитет во Прага рече дека договорите „не се изрежани во камен“, тој особено ја нагласи потребата да се промени едногласноста при гласањето во мнозинството на полињата на надворешната или даночната политика – нешто што веќе може да се направи според постоечки договор.

Иако нема да ги смени договорите на ЕУ, ова сепак би претставувало „огромно далекусежна институционална реформа“, рече Кукис, пренесува „Еурактив“.

Убедување на скептиците

Германија не е сама во напорите за реформирање на ЕУ бидејќи другите големи земји-членки како Франција или Шпанија, исто така, сакаат да го реформираат блокот.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја прифати идејата и ѝ даде поддршка за уставна конвенција што ќе доведе до реформа на договорите во нејзиниот говор за состојбата во Унијата во септември.

Сепак, неколку земји-членки веќе јасно ставија до знаење дека се против овој потег. По завршувањето на Конференцијата за иднината на Европа во мај, тринаесет источноевропски и скандинавски земји-членки предупредија во документот за заедничка позиција на „непромислени и предвремени обиди да се започне процес кон промена на договорите“.

И покрај тоа што реформата на ЕУ треба да биде направена како предуслов за проширување што може значително да го забави процесот на проширување, таа исто така може да го скрши ќор-сокакот и да ги отвори портите за реформи.

„Ако го погледнете овој нон-пејпер на тринаесетте земји-членки […] кои изразија критики за институционалните реформи, тоа се главно држави кои се залагаат за брзо проширување“, Николај фон Ондарза, шеф на одделот за истражување на ЕУ на Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП) соопшти на настанот.

Според Ондарза, ова би можело да отвори патишта за да ги убеди критичарите. „Оваа перспектива на ЕУ од 30 плус во временската рамка на следните десет години според мене е клучот за институционалните реформи“, рече тој. „Ако не успееме да ја отвориме вратата за нови реформи на ЕУ пред следното проширување, тогаш овој моментум засекогаш исчезна“, додаде тој, како што пишува „Еурактив“ од настанот.