Порака на Пендаровски: Геноцидот во Сребреница е еден од најмрачните настани во модерната европска историја


Фото: Б. Грданоски

Претседателот Стево Пендаровски, на покана на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, преку видео-порака се вклучи во одбележувањето на 25-годишнината од геноцидот во Сребреница.

Во пораката Пендаровски вели: „Пред 25 години се случи геноцидот во Сребреница кога повеќе од 8.000 луѓе, претежно мажи и деца беа систематски убиени, само поради тоа што беа Бошњаци. Ова е, без дилема, еден од најмрачните настани во модерната европска историја за кој не постои никакво рационално оправдување.

Некои од злосторниците веќе се соочија со правдата пред Меѓународниот суд. Дел од преживеаните, собраа храброст да им погледаат во очи на своите џелати и да им простат на оние кои се покајаа за своите злодела. Но, многумина од нив продолжуваат да живеат со ужасните трауми дополнително засилени со негирањето и релативизирањето на вистината за злосторот.

Меморијалниот центар и Мајките на Сребреница преку јасна порака, не соочуваат со колективното минато и се совеста на нашата генерација. Тие не поттикнуваат омраза, ниту бараат одмазда, бидејќи со тоа се продлабочува неправдата. Тие само ја бараат вистината и правдата, како предуслов за мирот.

Историјата, не само на Балканот, не учи дека идеите за етнички чисти територии, секогаш водат кон трагедии. А, последните балкански војни покажаа дека и по холокаустот геноцидот може да се повтори. Ако една генерација не зборува, наредната ќе заборави, што создава плодна почва за нови конфликти.

Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните.

Да градиме општества во кои ќе има место за секој од нас. Да направиме дом во кој ќе се прифаќаме едни со други и покрај нашите разлики. Затоа што сите сме луѓе“, рече Пендаровски.