Порака до ќерката на Лавров: Спакувај ги „Луј Витон“ куферите и оди си од Лондон


 

Ќерката на неофицијалната сопруга на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, живее фантастичен живот и пере пари во Лондон, јавија британските медиуми, запрашувајќи се како таа сѐ уште не е на удар на одлуката за санкции. 

„Полина Ковалева е 26-годишна гламурозна Русинка. Таа живее во огромен стан во Кенсингтон од 4 милиони фунти и сака да се забавува. Нејзиниот Инстаграм изгледа како одмор без престан“, коментираат медиумите.

 

Лавров деновиве е клучната фигура околу инвазијата на Украина и многумина го гледаат како  „гласноговорник за пропаст“ на Владимир Путин, по неговите неодамнешни забелешки дека Третата светска војна ќе биде „нуклеарна и деструктивна“, што всушност беше закана за НАТО и за Западот.

Според британските медиуми, Лавров е неофицијален сопруг на мајката на Ковалева, Светлана Пољакова, со која има врска од раните 2000-ти. Ковалева го купила својот стан во Кенсингтон за 4,4 милиони фунти без хипотека во 2016 година кога имала 21 година. Имотот е надградуван и содржи базен, фитнес, спа, кино, симулатор за голф, соба за игри и погледи низ Кенсингтон и Кенсингтон парк. Ковалева моментално го дели станот со маж за кој се верува дека е нејзин партнер и кој има 10 отсто од акциите во инвестициска фирма што таа ја води. Во меѓувреме, нејзината мајка Пољакова поседува стан од 5 милиони фунти во Москва и го придружувала  Лавров на 60 негови патувања во странство.

 

Лондон не е првата база за Ковалева во Обединетото Кралство. Таа студирала на приватен интернат во Бристол, а магистерски студии по економија и стратегија за бизнис завршила на  Империал колеџот во Лондон. Нејзиното импресивно образование беше проследено со паралелна функција  во рускиот енергетски гигант „Гаспром“ каде работела на спојувања и превземања бизниси, а потоа и во рударската компанија „Гленкор“.

 

Биолошкиот татко на Полина не е многу богат. Таа нема сопруг олигарх, но на 21-годишна возраст го  купила овој стан во Лондон. Единствениот финансиски извор на Ковалева е нејзината мајка, која е актерка и е неформална сопруга на Лавров. Според медиумите, Ковалева  е „учебнички пример“ за необјаснето богатство и нејзиниот имот може легално да се заплени.

 „Полина мора да ги спакува своите ‘Луј Витон’ куфери, да се збогува со нејзиниот британски живот и да го напушти Лондон и Обединетото Кралство. Доколку не може да објасни од каде ги добила 4,4 милиони фунти, нејзиниот имот мора да биде одземен според постапката за необјаснето богатство“, пишуваат медиумите.

 

Активистите на рускиот опозиционер Алексеј Навални открија претходно дека Пољакова и нејзината ќерка користат приватни авиони, јахти, куќи и хотели на бизнисменот Олег Дерипаска. Една од фотографиите на профилот на нејзината ќерка на Инстаграм беше токму од неговата јахта која исто така треба да биде запленета.