Бесплатен јавен превоз во Скопје за сите граѓани
Почна да се остварува ветувањето на градоначалничката Данела Арсовска, но како итна мерка поради енормното загадување на воздухот по неколку години подобрување
Македонија по неколку години, повторно се гуши во загаден воздух. Од вечерва на сила стапи одлуката за бесплатен јавен превоз за сите граѓани, како една од пакетот итни мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните. Бесплатниот превоз ќе важи сѐ до наредните препораки.
И жителите на Кочани синоќа дишеа отров, а на моменти мерната станица покажуваше и до 400 пм честички во воздухот. Ваквата состојба на терен ги однесе инспекторите, полицијата и граѓанските активисти. На лице место фатиле неколкумина граѓани кои палат гуми, а се прави и нова дива депонија.
Освен во Кочани, алармот е вклучен и во Тетово, Куманово, Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Струмица. Метрополата пак е во врвот на најзагадени градови во светот. Додека сегашната и поранешната градска власт во Скопје се расправаат граѓаните се гушат. Очекувањата се дека загадувањето на воздухот уште повеќе ќе оди во црвено.
„Сигурен проблем во справувањето со загадениот воздух оваа зима ќе биде и економската криза која директно удира по граѓаните. По најавите за драстично зголемување на цената на електричната енергија, дел од граѓаните најавуваат дека за огрев ќе користат дрва, што дополнително негативно ќе се одрази на загадувањето на воздухот“, велат од Град Скопје.
Според податоците добиени од Министерството за животна средина, прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови) е надминат на мерните места Тетово, Кочани, Кавадарци и Куманово, но изминативе денови енормно високи вредности беа регистрирани и во Скопје, Струмица и други населени места.
Државната мерна станица во неделата вечер измери 420 микрограми ПМ10 честички кај Ректорат во скопска Гази Баба, а Скопје повторно се најде меѓу десетте најзагадени градови во светот, според швајцарскиот „Ај-кју еар“. Повеќекратни надминувања на вредностите на суспендираните загадувачки честички во воздухот имаше и на сите мерни места во главниот град.
Јане Димески, член на Советот на Општина Центар, вели дека Општината нема скоро никакви активности поврзани со загадувањето на воздухот.
„ Во Центар има многу оџаци кои чадат, од домаќинства, ситни погони, установи кои користат мазут. Предложивме да ги попишеме сите за да се направи целосен катастар на загадувачи за потоа да се дизајнираат мерки за секој вид на објекти и потрошувачи, но бевме надгласани – вели Димески, кој е избран од листа на „Шанса за Центар“.
Иако градоначалничката Данела Арсовска ветуваше инвестиции во животната средина и борба против аерозгадувањето, додаваат од СДСМ, таа го намалува буџетот за животна средина од 213 милиони денари, колку што изнесува оваа година, на 73 милиони денари во 2022 година.
Иако градоначалничката Данела Арсовска ветуваше инвестиции во животната средина и борба против аерозгадувањето, според критиките од СДСМ, таа го намалува буџетот за животна средина од 213 милиони денари, колку што изнесува оваа година, на 73 милиони денари во 2022 година.