Поради војни и идеологија во некои земји доставата на вакцината може да биде смртоносна
Во многу земји каде се војува доставата на вакцината против Ковид-19 може да биде смртоносна, а лошата инфраструктура во сироманите земји, покрај другите проблеми, ја отежнува имунизацијата.
Арифулах Кан ја даде втората вакцина против детска парализа кога пукотниците одекнаа во блиските ридови во пакистанскиот регион Бајаура.
„Тоа се случи одненадеж. Се пукаше толку што изгледаше како експлозија“, рече Кан, присејќавајќи се на деталите од нападот пред пет години во близина на авганистанската граница.
Куршумот му го скрши колкот и падна на земја. Неговиот пријател од детството и партнер при вакцинирањето, лежеше крвав на тлото пред него.
„Не можев да се помрднам, гледав како лежи точно пред мене додека вдишуваше последен пат“, вели тој.
Во Пакистан доставата на вакцини може да биде смртоносна. Милитантни и радикални верски групи шират тврдења дека вакцината против детска парализа е западен трик за стерилизација на муслиманските деца или нивно одвраќање од религијата.
Повеќе стотици здравствени работници, безбедносни службеници кои биле вклучени во вакцинацијата против детска парализа убиени се во текот на 2012 година.
Насилството е еден од проблемите со кои се соочуваат многу сиромашни земји и земји во развој во Азија, Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка, додека се носат со задачата на вакцинација на својата популација против Кoвид-19.
Лошата инфраструктура и електрична енергија ја отежнуваат задачата, а се од витално значење за зачувување на вакцините. Војните и бунтовите ја загрозуваат вакцинацијата. Учесниците на кампањите за вакцини понекогаш мора да се движат низ повеќе вооружени фракции.
„Најпредизвикувачки подрачја се конфликтните средини, каде избивањето насилства ја спречуваат вакцинацијата, но и подрачјата во кои кружат дезинформации, што го обесхрабрува населението“, вели Бенџамин Шребер, заменик шеф на УНИЦЕФ за глобална имунизација.
Многу држави се потпираат на Ковакс, меѓународниот систем чија цел е да се осигура праведен пристап до вакцинација, иако веќе нема доволно средства.
„Меѓународната организација за деца УНИЦЕФ спроведува програми на вакцинација ширум светот и се подготвува за помош во набавката и примената на вакцината против корона вирусот“, вели Сребер за АП.
Исто така, нагласи дека складирале половина милијарда шприцови, а имаат за цел да обезбедат 70.000 фрижидери, главно на соларен погон.
„Меѓународната организација сака да транспортира 850 тони вакцини против корона вирус месечно следната година, двојно зголемувајќи ја месечната стапка за останатите вакцини“, вели Хенриета Форе, извршна директорка на УНИЦЕФ.
Ситуацијата варира од земја до земја
Се очекува Мексико наскоро да започне со вакцинација. Војската ќе се погрижи за дистрибуцијата, а владата вети бесплатни вакцини за речиси 130 милиони жители на Мексико до крајот на 2021 година.
Во меѓувреме, Хаити, најсиромашната земја на западната хемисфера, се уште не направила никакви планови за вакцинација. Здравствените стручњаци се загрижени дека широко распростанетите гласини може да ја успорат вакцинацијата.
Африканските центри за контрола и превенција на болести вложуваат напори за вакцинација на 1,3 милијарди африкански луше во 54 земји. Агенцијата ги координира работите за добивање дози и бара помош од Светската банка во финансирањето. Се проценува дека ќе требаат 10 милијарди долари за набавка, дистрибуција и примена на вакцините.
За две години ќе се вакцинираат околу 700 милиони луѓе
„Целта е да се авкцинираат 60 отсто од жителите на Африка во рок од две години, односно околу 700 милиони луѓе. Многу повеќе отколку што континентот направил во минатото“, вели Џон Нкенгасонг, директор на африканскиот Центар за јавно здравје.
Тој порачува дека е време за акција.
„Западот не може сам да го победи Ковид-19. Мора да го победи целиот свет, а тоа ја вклучува и Африка“, вели тој.
Препреки за вакцината и во Конго
И во Конго има препреки со кои се соочува кампањата за вакцинација. Државата ја совлада епидемијата на ебола со кампањи за вакцинации, но се бореше во источно Конго, каде бунтовниците Сојузни демократски сили изведуваа напади често, а други вооружени групи се бореа за контрола на минерални богатства.
Нерамниот терен и несигурноста значеа дека учесниците во кампањата за вакцинација ќе имаат проблеми во доаѓањето на сите подрачја. Некои се најдоа на удар.
„Се сметаше дека вакцинацијата против ебола е наменета за убивање луше“, вели д-р Маурис Какуле кој работи во кампањите за вакцинација.
Тој вели дека слични сомнежи се шират и околу вакцинацијата против Ковид-19.
Многу проблеми во Јемен
Здравствениот систем во Јемен пропадна во текот на шест години војна меѓу бунтовниците Хути кои го контролираат северот и фракцијата на сојузници на владата на југ.
Колерата и дифтеријата се раширени, а Јемен повторно се соочува со нов налет на глад. Надлежните од Обединетите нации предупредија дека во Јемен ќе има глад во 2021 година.
Сè уште не се најавени плановите за вакцинација против Ковид-19, било тоа да се Хутите, јужните власти или Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.
„Дури и најблагите болести може да бидат кобни поради недостиг на здравствена заштита во конфликтна средина“, вели Васим Бахја, директор на Меѓународните здравствени сили во Јемен.