Поради влошувањето на состојбата со корона вирусот, Словенија ја ангажираше војската


Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 3.666 нови случаи на инфекција со корона вирус, починале уште 19 лица со Ковид-19, а поради здравствената криза владата одлучила да ја вклучи армијата во грижата и лекувањето на болен.

„Армијата ќе ги интегрира своите капацитети во здравствениот систем и ќе помага во лекувањето и грижата за луѓето кои страдаат од Ковид-19“, објави во петокот вечерта владата на Јанез Јанша, додавајќи дека четири медицински тимови ќе се приклучат на јавното здравство.

Како што соопшти во саботата Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ), во последните 24 часа се потврдени 3.666 нови случаи на зараза, а уделот на позитивните тестови е поголем од претходниот ден и изнесува 39,8 отсто.

Седумдневниот дневен просек на зарази е 3.157, а 14-дневната инциденца е 1.971. Бројот на хоспитализирани и понатаму расте, а активни случаи се 41.534, соопшти Министерството за здравство.

Во саботата хоспитализирани се 981 пациент, од кои 220 се на одделенијата за интензивна нега.

Состојбата со искористеноста на капацитетите е критична. Математичките проекции велат дека четвртиот бран на епидемијата е на својот врв, а растот на хоспитализацијата ќе продолжи до крајот на месецот. Состојбата во болниците ќе биде најтешка во последната недела од ноември, по што бројот на хоспитализирани може да почне да опаѓа, доколку успеат сегашните рестриктивни мерки, пишуваат медиумите.

Меѓу другото, мерките пропишуваат поширока употреба на потврдите за корона вирусот со приложување документи за идентификација, скратено работење на локалите и забрани за ноќни клубови и дискотеки, почесто тестирање за корона вирус на учениците во основните и средните училишта и забрана за големи јавни собири.