Поради санација од понеделник се затвора мостот кај Проевце на патот Куманово – Свети Николе


Поради санација мостот над река Кумановка кај Проевце на регионалниот пат Куманово-Свети Николе од понеделник, па во наредните шест месеци, ќе биде затворен за сообраќај, најавија денеска од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и од Општина Куманово. Товарните возила нема да можат да сообраќаат низ Куманово.

– Согласно одобрението за пренасочување на сообраќај со број 11-уп17/4 од 01.03.2022 година, издадено од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, ве известуваме дека поради изведување на санациони работи од ден 07.03.2022 година (во наредните шест месеци) мостот на река Кумановка на Р1204 делница Куманово – Свети Николе, ќе биде затворен за сообраќај. Ве известуваме дека сообраќајот за тешки товарни возила ќе се одвива по одобрена сообраќајна проектна документација од Министерство за транспорт и врски, соопштија од Општина Куманово.


Од Јавното претпријатие за државни патишта информиарат дека како и сега за деновите од претстојниот викенд сообраќајот ќе се одвива по една сообраќајна лента со семафорска регулација. Решението за затворање на сообраќајот го донело Министерството за транспорт и врски со претходна согласност на Министерството за внатрешни работи, на барање на изведувачот на санациските работи „Синтек Инженеринг“-Скопје, врз основа на изработен сообраќаен проект.

– Затворањето на мостот е потребно заради појавената дупка/оштетување на коловозната плоча во средина на мостот. За да се санира дупката потребно е да се отвори целото поле каде што е оштетениот бетон, потоа да се армира и да се бетонира. Со оглед дека температурите за изведба сè уште се ниски, а на мостот се движат тешки товарни возила, ќе треба целосно созревање на бетонот што, пак не е возможно без да се направи целосно затворање на сообраќајот на мостот. Заради непречено одвивање на сообраќајот во вакви променети услови известуваме дека лесните возила ќе бидат пренасочувани преку општинските патишта, додека тешките товарни возила, со цел да се избегне метежот во градот Куманово ќе бидат пренасочувани преку државните патишта, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта.

Времетраењето на санацијата на дупката, велат од претпријатието, зависи од повеќе фактори како што се временските услови, методологијата и организацијата на изведувачот. Моментно изведувачот работи на санација на бетонските столбови. Од наредната недела, откако ќе биде затворен мостот, изведувачот ќе започне да работи на санација на дупката.

– Градежните активности почнаа на 13-ти декември лани, а рокот за изведување на работите е 15 месеци. Санацијата на мостот ќе изнесува 59.733.742, 00 денари без данок на додадена вредност, информиарат од ЈПДП.

Со целосната санакција ќе бидат опфатени столбови, ќе се менуваат лежиштата, ќе се санира челичната конструкција, отворената дупка на коловозот, ќе се бетонира нова коловозна плоча, ќе има нова хидроизолација, нови дилатации, еластична одбојна ограда и нови тротоари.