Поради Папата презакажани сите прегледи од „Мој термин“


Скопје и Македонија се подготвени за утрешната посета на Папата на земјава. Од МВР велат дека се преземени сите безбедносни мерки, со цел еднодневната посета на поглаварот на католичката црква да мине во најдобар ред. Потсетуваат дека во Скопје утре ќе важи посебен сообраќаен режим и ги замолуваат граѓаните да не ги користат своите возила, освен ако немаат потреба.

Обезбеден е бесплатен железнички и автобуски превоз. Се очекуваат околу 15.000 луѓе да присуствуваат на мисата на плоштад „Македонија“, но и денеска може да се подигнат билети за Свечената литургија.

Здравствените власти информираа дека утре нема да дозволат паркинг во Клинички центар и информираат дека граѓаните кои имале закажано преглед за утре, во „Мој термин“ ќе добијат порака за презакажување.
„Но, доколку некој од граѓаните сепак, не биде информиран за оваа промена и се упати кон Клиничкиот центар, секако ќе биде услужен“, велат од Министерството за здравство.(Г.А.)