Поради оштетен резервоар со токсични хемикалии во Калифорнија евакуирани 44.000 луѓе
Повеќе од 44.000 луѓе се евакуирани во неколку градови во Јужна Калифорнија, откако локалните власти предупредија дека оштетен резервоар со токсични хемикалии во воздухопловна фабрика во Оринџ Каунти неизбежно ќе попушти и потенцијално може да експлодира.
Индустрискиот резервоар во објектот во Гарден Гров (Garden Grove) се проценува дека содржи околу 7.000 галони (околу 26.500 литри) метил метакрилат – „силно испарлива“ и „лесно запалива“ токсична супстанција која се користи во производството на пластика, изјави шефот на противпожарната служба во Оринџ Каунти, Крег Кови.
– Ова ќе се случи, освен ако некој брилијантен човек не смисли како да го ублажиме овој инцидент – рече Кови на прес-конференцијата вчера попладне. „Ова ќе попушти. Не знаеме кога“, додаде тој.
Властите во Оринџ Каунти вчера ги проширија наредбите за евакуација на домовите во радиус од една милја (1,6 километри) во неколку градови, вклучувајќи ги Гарден Гров, Сајпрес, Стентон, Анахајм, Буена Парк и Вестминстер.
– Ова е најлошата ситуација што некогаш сум ја видел. Ова е реално, не си играјте … Во противпожарната служба сум 32 години и ова е најзначајниот и најопасниот настан од кој некогаш сум бил дел – -изјави Кови за CBS LA.
Сè уште нема проценка за тоа кога би можеле да бидат укинати наредбите за евакуација.
Официјални лица соопштија дека во објектот има вкупно три резервоари, од кои кај едниот е загрозен системот за ладење. Пожарникарите изјавија дека успеале да ја стабилизираат температурата на резервоарот и досега да ја одржат под контрола, што им дало дополнително време за изнаоѓање решение.
– Буквално ни преостануваат уште две опции: Првата, резервоарот да попушти и да се излеат вкупно околу 6.000 до 7.000 галони многу опасни хемикалии на паркингот и околната област – рече Кови.
– Или втората, резервоарот да влезе во фаза на термичка неконтролирана реакција и да експлодира, што би ги загрозило и околните резервоари кои исто така содржат гориво или хемикалии – додаде тој.
Кови додаде дека е нејасно колку широко или опасно би било влијанието од евентуална експлозија, а временската рамка е непозната.
– Сакаме да се подготвиме за најлошото, но се надеваме дека работите ќе се подобрат – рече тој.
Кови информира дека е формиран тим кој треба да размислува „надвор од рамките“, при што окружниот тим за опасни материјали повикал експерти од целата сојузна држава и земјата за да помогнат во изнаоѓањето решенија за намалување на притисокот во засегнатиот резервоар и ублажување на изложеноста.
– Во моментов нема активно истекување на гас – рече Кови за резервоарот, нагласувајќи дека во моментов нема ништо штетно во воздухот. „Го оладивме доволно за сигурносниот вентил на врвот повеќе да не испушта никаков производ од течностите таму“.
Во објава на Х неколку часа по прес-конференцијата, Кови наведе дека тимот задолжен за алтернативни решенија „дошол до неколку извонредни идеи на кои ќе почнеме да преземаме акција“. Тој исто така рече дека напорите за зачувување на резервоарот се успешни и дека повторно ја разгледуваат можноста за интервенција во непосредна близина.
– Не ми е прифатливо само да седам настрана и да гледам како ова нешто експлодира или попушта. Тоа не е опција за мене – изјави Кови. „Нашиот тим ќе направи сè што може за да смисли трета, четврта, петта опција која не значи неуспех, за да можеме да ве вратиме сите дома што е можно побрзо“.
Квалитетот на воздухот останува причина за загриженост, но Кови рече дека нема активен облак од чад или гас и дека нема честички во воздухот кои „би загрозиле некого“. На граѓаните им се препорачува да останат во затворени простории.
Здравствените експерти објаснуваат дека метил метакрилатот – запалива пластична епоксидна смола која сама генерира топлина – е иритант за дишните патишта и потенцијалната изложеност може да доведе до иритација на белите дробови, кожата и очите, како и до мачнина и вртоглавица. Хемикалијата е потешка од воздухот, па нејзините испарувања се спуштаат и се таложат ниско на тлото.
Мониторингот на воздухот е во тек, а дронови ја следат температурата на резервоарот, соопштија официјални лица.
Експертите велат дека супстанцијата има точка на вриење пониска од онаа на водата и има својства на самозагревање, што може да доведе до „неконтролиран ефект“.
– Во неконтролирана средина со истекување, потенцијално може да имате голема концентрација во атмосферата, и секоја искра или дури и самата температура може да предизвика она што е познато како неконтролирана реакција – изјави Елијас Пиказо, доцент по хемија на Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC).
– Кога ќе започне полимеризацијата, таа е егзотермна, што значи дека реакцијата ослободува топлина … Топлината ја почнува реакцијата, но самата реакција ослободува уште повеќе топлина, и така доаѓа до она што го нарекуваме „неконтролиран процес“, каде што сè е надвор од контрола. Тоа може да доведе до пожари и експлозии, каде што притисокот се зголемува многу брзо – додаде Пиказо.
Екипите пристигнале во четвртокот попладне во објектот на „ГКН Аероспејс“ (GKN Aerospace) по добиен повик за опасни материјали нешто пред 15:40 часот тој ден, соопштија од противпожарната служба.
Хемикалијата во индустрискиот резервоар првично ја задржувала истата температура. Меѓутоа, околу четири часа по пристигнувањето на пожарникарите, температурата почнала да расте, по што се активирале сигурносниот вентил и системот за прскалки во близина на резервоарот. Системот со прскалки е дизајниран да го лади резервоарот доколку почне истекување.
Од противпожарната служба соопштија дека екипите првично напредувале кон отстранување на хемискиот производ, но вчера наутро утврдиле дека „резервоарот кој е во најголема криза всушност не може да биде осигуран и саниран“.
Причината за истекувањето сè уште се истражува. Нема информации за повредени лица.
Официјалните лица од училишниот округ во Гарден Гров вчера затворија 15 училишта и соопштија дека тие ќе останат затворени до понатамошно известување додека продолжува следењето на ситуацијата.
Градските власти соопштија дека годишниот „Фестивал на јагодата во Гарден Гров“ (Garden Grove Strawberry Festival) ќе се одржи според предвиденото, но маратонската трка на 5 километри и парадата за денеска се откажани.
Претставничката на Оринџ Каунти, Катрина Фоли, исто така соопшти дека Изборната комисија на округот денеска го затворила гласачкиот центар во Спортско-рекреативниот центар во Гарден Гров, бидејќи тој објект наместо тоа ќе се користи како центар за згрижување и прифатилиште на евакуираните граѓани.