Поради нечитливи печати, Бугарија забранува продажба на 80 тони јагнешко месо од Македонија


Осумдесет тони јагнешко месо увезено од Македонија, кое не одговара на бугарските и европските стандарди, е пуштено во продажба низ продавниците во Бугарија, вели претседателот на бугарската Национална овчарска асоцијација, Симеон Караколев, за бугарската информативна агенција БГНЕС.

Од Асоцијацијата бараат да се забранат повеќе од 80 тони јагнешко месо од Македонија.

Оттаму поднеле барање да се забрани македонското месо до министерот за земјоделство и храна Румен Порожанов и до Бугарската агенција за безбедност на храната и, како што пренесува БГНЕС, тие се обврзале оваа недела да ги повлечат количините од трговската мрежа.

Македонското јагнешко месо влегува во Бугарија и во Европската Унија преку Грција, објасни Симеон Караколев. Месото може да се препознае по тоа што е со црвен нечитлив печат, за разлика од бугарското месо, кое е со син печат. Македонското јагнешко е исто така 20 отсто поевтино отколку бугарското, додава Караколев.

„Кланицата се наоѓа во Кавадарци, оттаму месото влегува во Грција, се проверува од грчките санитарни власти и влегува во Бугарија во три складиштета – Софија, Добрич, Пловдив. Досега се увезени над 80 тони“, рече тој.

„Ако Агенцијата за храна работи според правилата што треба да ги почитува, ова месо, кое има нечитливи печати, мора да биде забрането. Од Агенцијата велат дека ќе поминат во продавниците и месарниците и ќе ја забранат продажбата на ова месо до разјаснување на ситуацијата”, додаде Симеон Караколев.