Поради концертот на Чолиќ, посебен режим на сообраќај


Утревечер (сабота), во 21 часот на Градскиот стадион во Скопје, ќе се одржи концерт на балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ.

Вратите ќе бидат отворени од 17 часот, а се очекува 60-илјадна публика од земјата и регионот.

Од тие причини Одделението за Безбедност на патниот сообраќај ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот во периодот од 18 до 23 часот со периодично пренасочување на сообраќајот на булевар Илинден,улица Аминта 3-ти и улица Наум Наумовски Борче. Ова го соопшти Министерството за внатрешни работи.

За таа цел МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Како редовен гостин во Скопје, Здравко се радува на концертот на отворено, се надева на убаво време, а организаторот „Прагма продукција“ вети невидена пиротехника на сцена, светлосни ефекти, гудачки оркестар и специјални гости.

-Секогаш сум среќен кога пеам пред македонската публика која ги сака моите песни. Пораката секогаш е љубов, мир, пријателство и заедништво. Колку се сеќавам, најпосетен концерт  ми беше тој во 2008 година, на плоштадот со англиската атракција „Шугар бејбс“ која се собра 120-илјадна публика, изјави на пресот Чолиќ.

Балканската поп-ѕвезда сѐ уште снима хитови и спотови, држи концерти кои се секогаш распродадени, изгледа одлично, брчките можат на прсти да му се избројат. Не е скандалозен тип, слободното време го минува со семејството и пријателите, сам ја избира гардеробата и во ланското интервју за „Независен весник“ откри за да биде во топ-форма, мора да има внатрешен мир. Не размислува за музичка пензија. Додека го служи телото и гласот, ќе пее и понатаму.

Фото: Б. Грданоски