Поради компликации од грип почина 14-годишно девојче


Четиринаесетгодишно девојче почина вчера на Клиниката за детски болести поради компликации од грип, изјави денеска д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје. Ова е прв смртен случај како последица на сезонскиот грип. Починатото девојче имало и други хронични заболувања, додаде д-р Кузмановска.
Грипот зема замав. Така, минатата недела биле регистрирани 3.614 заболени од грип, за 27,9 отсто повеќе во однос на една недела претходно, кога имало 2.825 регистрирани случаи. Меѓу нив има и лица со потешки симптоми. Најголем број од заразените се мали деца, лица со хронични заболувања, како и повозрасни граѓани.
Во моментов на Клиниката за детски болести се хоспитализирани 17 деца кои се болни од грип или за кои што постои сомневање дека станува збор за ова заболување. Покрај Детската клиника, има хоспитализрани и на инфективната клиника, каде што се упатуваат децата над четиригодишна возраст.