Поради битка за тендер, полицајците чистат ѓубре, ВЦ-школки и секој ден рибаат тоалети


Фото: Б. Грданоски

Полициски службеници добиле задача да се грижат за хигиената во службените простории по организациските единици за време на извршување на своите работни задачи, соопшти Синдикатот на македонската полиција.

– Поради битка за тендер во Министерството за внатрешни работи, полициските службеници се принудуваат да чистат ѓубре, ВЦ шољи и секој ден да рибаат тоалети или речено од почетокот на месец Октомври 2023 година за време на своите работни задачи во работното време им се наредува да земат крпи, метли и џогери со кофи и да се погрижат “колку толку” за хигената на службените простории по Организациските единици насекаде во Министерството, велат тие.

Имено, поради прекинат договор на фирмата за чистење и одржување “хигиена” на сите објекти во МВР, додека траат надмудрувањата од кој да го земе тендерот, ѓубрето и нечистотијата нов проблем и нова мака за вработените во МВР особено сега и од очекувањето на појава на заразни болести и кои можат секој момент да започнат да се шират додека се мерат силите односно се чека да победи појакиот за некому фаворит.

– Бараме од Министерот за внатрешни работи итно надминување на создадениот сериозен проблем кој е настанат поради битките за профит. Состојбата е крајно лоша со хигиената и истата станува алармантна бидејќи е доведена во прашање Здравствената безбедност на вработените во МВР. Да го потсетиме врвното раководство на МВР дека поради тендерски расчистувања и препукувања за финансиски интереси произлегува негрижа за здравјето на работниците, затоа прекинете го создадениот хаос и престанете да го прекршувате Законот за заштита од вознемирување на работното место кој гласи:

Забранет е кој било вид на вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место, бидејќи вработените како полициски службеници немаат во своите работни задачи обврски да го чистат ѓубрето и да рибаат тоалети во МВР! Запрете ги понижувањата и МОБИНГОТ над вработените, најдете итно решение за хаосот кој е настанат од прекинатото одржување на хигиената поради борбата за тендер клининг сервис, соопшти претседателот на Синдикатот на македонската полиција, Дејан Саздов.