Попушта одбраната на „Фајзер“ во Израел против Делта сојот


Околу 60 отсто од 9,3 милиони жители на Израел примиле барем една доза вакцина на „Фајзер“ (Фото: Ројтерс)

Ефективноста на вакцината против хоспитализации и сериозни симптоми падна на 63 отсто

 

Израел во понеделникот објави намалување на ефикасноста на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ во спречување на инфекции и симптоматска болест, но рече дека останува многу ефикасна во спречување на сериозни болести.

Падот се совпадна со ширењето на варијантата Делта и крајот на ограничувањата за социјално дистанцирање во Израел.

Ефективноста на вакцините во спречување на инфекции и симптоматско заболување падна на 64% од 6 јуни, соопшти Министерството за здравство. Во исто време вакцината беше ефикасна 93% во спречување на хоспитализации и сериозни болести од корона вирусот.

Министерството во својата изјава не кажува кое е претходното ниво ниту даде други детали. Сепак, официјални претставници на министерството објавија извештај во мај дека две дози вакцина на „Фајзер“ обезбедуваат повеќе од 95 отсто заштита од инфекции, хоспитализација и тешки болести.

Портпарол на „Фајзер“ одби да ги коментира податоците од Израел, но наведе други истражувања кои покажуваат дека антителата што ги предизвикува вакцината сепак биле во можност да ги неутрализираат сите тестирани варијанти, вклучително и Делта, иако со намалена јачина.

Околу 60% од 9,3 милиони жители на Израел примиле барем една доза вакцина на „Фајзер“ во кампањата во која дневните случаи од повеќе од 10.000 во јануари паднаа на едноцифрени минатиот месец.

Ова го поттикна Израел да се откаже од речиси целото социјално дистанцирање, како и барањето да се носат маски, иако последниве денови делумно беше повторно наметната. Во исто време, Делта, која стана глобално доминантна варијанта на корона вирусот, започна да се шири.

Оттогаш, дневните случаи постепено се зголемуваат, достигнувајќи 343 во неделата. Бројот на сериозно болни се искачи на 35 од 21.

Научникот за податоци Еран Сегал од израелскиот Институт за наука „Вајцман“ рече дека земјата веројатно нема да доживее високи нивоа на хоспитализации забележани порано во текот на годината, бидејќи има многу помалку критично болни.

Тој рече дека е добро да се „продолжи со животот во нормала и без ограничувања“, додека се засилуваат мерките како опсег за вакцинација и се обезбедува тестирање за Израелците кои се враќаат дома од странство. (Ројтерс)