Популизам или мобилност. Кабинетот на Заев се пресели на Широк сокак


Владата вчера во „вонредни услови“ одржа редовна седница. Наспроти досегашната практика, владините седници, главно, да се одржуваат во вторник, во работно време и на „Илинденска“ бр. 2 во Скопје, кабинетот на Зоран Заев понеделнички се пресели во општинската зграда во Битола.
Оваа владина седница беше закажана во приквечерина, а претходно, во текот на денот, се реализираа повеќе ударнички активности во Пелагонискиот Регион, во кои се вклучија повеќето министри, посебно од економските ресори. Министерот за транспорт и врски, заедно со градоначалничките на Битола Наташа Петровска и на Могила, Јасмина Гулевска и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Битола-Тополчани-Прилеп.
– Примарен фокус на Владата е подобрување на животот на граѓаните и подобрување на економијата во целина преку изградба и реконструкција на патната мрежа низ државата, гасификација на земјата, изградба на комуналната и железничката инфраструктура – изјави Сугарески
Во вчерашните активности на терен, пред почетокот на седницата, главно беа вклучени министри на СДСМ, како и заменик-министри на најголемата владејачка партија во ресори каде што министрите се од ДУИ. Така, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули беше во увид на изградбата на новата пречистителна станица за собирање на сите отпадни води на територијата на Националниот парк „Пелистер“.
Градоначалничката на Битола ги придружуваше сите министри што пристигнаа во градот, така што буквално секој час се селеше на друга локација. Откако се раздели со Макрадули, таа замина во Здравствениот дом во градот, каде што ја чекаше министерот за здравство Венко Филипче, за да ја посетат реновираната Служба за итна медицинска помош, која беше пуштена во употреба пред еден месец.

Попладнето и вицепремиерот Кочо Анѓушев, заедно со Макрадули и Петровска, беше во посета на РЕК „Битола“. Тие, исто така, ги промовираа субвенциите за набавка на инвертер-клими, со оглед на тоа што оваа општина е опфатена во првата фаза со оваа мерка. Еден час пред почетокот на седницата на Владата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска требаше да посети неколку мали групни домови во Битола. Беше најавена и изјава на министерот за земјоделство Трајан Димковски „за исплата на субвенциите за дополнителните мерки“.
Од Владата соопштија дека вчерашната седница во општинската зграда во Битола е прва во низата седници што во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата. Како гости на седницата во Битола беа поканети градоначалниците од Пелагонискиот Регион, од на Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.На оваа седница, како што најавија од Владата, приоритет ќе добијат информациите и одлуките за проекти од непосреден интерес на граѓаните на овие општини.
Новиот стил на заседавање на кабинетот на Заев се случува во период на неизвесност околу тоа дали нашата земја деновиве ќе добие „виза“ од Европскиот совет за почнување на пристапните преговори со ЕУ. Дел од медиумите пренесоа вчера наводи од интервју на Заев за американската јавна радиостаница Пи-би-ес. Во интервјуто македонскиот премиер наводно изјавил дека евентуално недобивање датум за преговори со ЕУ може да ја урне неговата влада. Во врска со ЕУ, Заев рекол дека Северна Македонија направила сè од своја страна и дека ЕУ сега треба да испорача одлука каква што заслужува земјава. Новинарот посочил дека премиерот Заев е загрижен дека одложувањето на датумот за преговори може да ја загрози коалицијата во парламентот, но и да ја урне владата.
Одржување владини седници надвор од престолнината на една држава не е нешто вообичаено во светски рамки. Така, на пример, пред околу една деценија на голем публицитет наиде веста дека британската влада, првпат по 87 години, одржала седница на друга локација, односно дека наместо на Даунинг стрит заседавала во Бирмингем – во летната резиденција на британските премиери. Медиумите тогаш јавија дека во Даунинг стрит 10 се уште траат разубавувањето на зградата, па се претпоставува дека затоа владината седница се одржува во градот кој е втор по големина во Британија. За нашата земја, пак, ова не е прв случај владата да заседава надвор од главниот град и од своето седиште. И претходниот премиер од редовите на СДСМ, Владо Бучковски, се досети своевремено да одржува владини седници низ градовите во земјава, ама таа активност беше со краток здив. Пред две години, пак, кабинетот на Заев одржа седница во Струмица, но тоа беше заедничка седница со владата на Бугарија, неколку месеци пред потпишувањето на Договорот за добрососедство.
Во актуелниот случај со „преселбата“ на македонската Влада не се наведува посебна причина и единствено се посочува дека целта е да се оствари понепосреден контакт со граѓаните и на самото место да се направи увид во проблемите со кои се соочуваат, но и во темпото на реализација на проектите што се преземени во изминатиот период. Со тоа и министрите од кабинетот на Заев се вклучија во теренски активности, во период кога низ општините во државата се разминуваат и карваните на двете најголеми партии – ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на кампањата „Разговори за обнова на Македонија“ и СДСМ во делот на активностите од кампањата „На прав пат“. (А.М.М.)