Популарниот шведски бренд за облека со голема загуба во последниот квартал


Шведскиот бренд за облека, „Хенес и Мауриц“ (H&M) во петокот соопшти дека вториот квартал годинава го завршил со голема нето загуба и со значајно пониски приходи од очекуваните како резултат на пандемијата на коронавирус.

Во периодот што заврши во мај компанијата работела со нето загуба од 4,99 милијарди шведски круни (околу 534 милиони американски долари). Во истиот период минатата година, H&M забележа нето добивка од 4,5 милијарди круни.

„Повеќе од 80 отсто од нашите продавници беа затворени во вториот квартал, а побарувачката беше значително намалена на пазарите каде што беа отворени“, објаснува Хелена Хелмерсон, извршниот директор на компанијата. Приходите во овој период се преполовија и изнесуваа 28,6 милијарди круни.

На водечките пазари продажбата опадна значително, а најмногу во САД, за 71 отсто, потоа во Германија за 42 отсто, а во Кина продажбата се намали за 28 отсто.

Продажбата на интернет се зголеми за речиси една третина, но очигледно тоа не беше доволно да ги поправи резултатите. Од компанијата велат дека во овој период биле отворени 48 интернет-продавници, од вкупно 51, но најавуваат дека промените во однесувањето на клиентите предизвикани од пандемијата дополнително ќе ја забрзаат дигитализацијата на малопродажба на облека.

Падот на продажбата продолжи и во јуни, објави H&M, додавајќи дека до 24 јуни продажбата изразена во локалната валута опадна за една четвртина. Од компанијата велат дека 350 од нивните продавници сè уште се затворени.

На крајот на мај, H&M имаше вкупно 5.058 продажни места на 74 пазари низ целиот свет, вклучувајќи ги и франшизите.