Поповски за враќањето на рамниот данок: Вакви мерки преземаат крајно десничарски влади


Универзитетскиот професор Никола Поповски, поранешен висок функционер на СДСМ, го оценува како погрешен потегот на владата за „замрзнување“ на прогресивниот данок. Тој вели дека такви мерки преземаат крајно десничарски влади, иако кабинетот на „Илинденска“, како што оценува, во овој случај беше под притисок на само мала група луѓе на чиј товар беше оданочувањето.

Поповски вели дека прогресивниот данок е, всушност, цивилизиран данок кој е присутен во повеќето земји од нашето опкружување, пред сѐ, во земјите членки на ЕУ.

„Целта кон која Македонија се стреми е ЕУ. Ние не се стремиме кон оние две-три држави од опкружувањето кои се како нас, туку се стремиме кон ЕУ. Второ, прогресивниот данок е праведен, затоа што релативно ги оданочува повеќе оние што заработуваат повеќе“, објаснува поранешниот министер за финансии.

СДСМ, според него, во овој случај прави голема грешка со тоа што го враќа назад воведениот или поточно половично воведениот прогресивен данок – само за персоналниот данок, а не и за добивката и тоа само за една ставка и со една меѓуставка за капиталните приходи.

„Со тоа СДСМ, всушност, презема мерки што ги преземаат само крајно десничарски влади. Само да потсетам, рамен данок со пропорционална стапка и за најбогатите и за најсиромашните, и во исто време многу ниска стапка, не овозможува соодветно финансирање. Не случајно, ВМРО-ДПМНЕ, кога ја воведе ваквата даночна политика, веднаш почна да ги зголемува буџетскиот дефицит и јавниот долг. Поради тоа што не можат да ги финансираат потребите со даноци, ги финансираат со задолжување. Сегашното враќање на рамниот данок е погрешна политика, со која јас не се согласувам, ама претпоставувам дека тие што ја водат политиката имаат некои аргументи кои за нив се прифатливи“, вели Поповски.

Тој додава дека се надева оти владата на СДСМ е подготвена да ги сноси последиците од преземањето на ваквиот чекор.

„Притисокот против прогресивниот данок беше од многу мала група луѓе во Македонија. Но, тие беа многу гласни. Тоа се претежно луѓето на чиј товар оди оданочувањето. Иако СДСМ декларира постојано дека на избори претставува друга категорија луѓе, овој пат повторно влезе во живиот песок на сопствениците и на нивното размислување. Им удоволија и сега веројатно се подготвени да ги сносат и последиците, какви и да се тие од ваквата политика“, вели Поповски во разговор за „Независен весник“.

Тој беше последен министер на СДСМ пред заминувањето на партијата во опозиција во 2006 година. Следната 2007 година, владата на  Никола Груевски, додека министер беше универзитетскиот професор Трајко Славески, го воведе рамниот данок и ја намали стапката на данок на доход на 10 проценти, наспроти дотогашните стапки од 15, 18 и 24 проценти.

Од  предвремените парламентарни избори во 2011 година, кога на чело на СДСМ уште беше Бранко Црвенковски, прогресивниот данок се врати како едно од клучните ветувања во програмата за дејствување на социјалдемократите, покрај точката за враќање на средната класа. Од почетокот на оваа година, пак,  по неколку одложувања и преиспитувања, СДСМ конечно го етаблира прогресивното оданочување – во случајов со повисока стапка од 18 отсто за делот од доходот над 90 илјади  денари. Тоа предизвика незадоволство главно во бизнис-секторот.

Меѓу најзаслужните за воведувањето на прогресивниот данок беше претходниот министер за финансии, Драган Тевдовски. Тој е еден од главните креатори на програмата на СДСМ за изборите во 2016 година. Дел од стручната јавност и политичките аналитичари ја оценија таа програма како „левичарење“. Сепак, владата на Зоран Заев, во изминатите две и пол години, спроведе голем дел од ветувањата од платформата „За живот во Македонија“, особено во делот на намалувањето на социјалните разлики во општеството и поголема заштита на социјално ранливите групи.

Премиерот Зоран Заев, пак, во повеќе наврати изјавуваше дека неговата влада е левичарска и дека спроведува политики во духот на социјалдемократската идеја во Европа.

„Ние сме левичари и веруваме во праведно оданочување“, изјави Заев во една пригода откако владата почна да ги разгледува можностите за напуштање на рамниот данок.

Сепак, прогресивниот данок што го воведе владата на СДСМ не издржа ниту една година. Овој викенд, новата министерка за финансии Нина Ангеловска соопшти дека  мерките од пакетот за прогресивно оданочување се замрзнуваат во следните три години, односно нивната примена се пролонгира до 1 јануари 2023 година. Нејзиното образложение беше дека резултатите од анализите покажале дека прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Нејзиниот претходник Тевдовски, кој пред неколку месеци, при владината реконструкција, беше единствен разрешен министер (другите, главно, поднесоа оставки)  им порача на своите сопартијци во парламентот да размислат дали остануваат социјалдемократи пред да гласаат за „замрзнувањето“ на прогресивниот данок.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на социјалдемократски од името на СДСМ. Особено од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, искоментира Тевдовски на „Фејсбук“. (А.М.М.)