Поповски: Оваа Влада обезбеди услови за гласност, не за молк


Оваа Влада обезбеди услови за гласност, а не за молк. Клучот е во рацете на новинарските професионалци, порача  министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на денешната седница на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Според Поповски, во последните две години, прв пат по претходните 10, има повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за работата на Владата, за медиумските слободи и права.

-Транспарентноста и пристапот до отворени податоци е изборот на Владата. На врвот во нејзините политики е концептот на отворена влада. Во согласност со своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност, при донесувањето на законите и законските измени, целта на Владата е да се чуе гласот на медиумските професионалци. Ефектите на овие политики даваат резултати: Северна Македонија скокна за 14 места напред на последниот светски индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници за 2018 година, и од 109 место во 2017, сега е на 95-тото. Ова е најдобар резултат за слободата на медиумите во Северна Македонија во последните пет години.Во претходните, мрачни времиња, бевме на 123 место, истакна Поповски.

Тој потсети дека ACTION SEE, проектот финансиран од ЕУ, во последното истражување ја рангираше Владата на прво место и ја прогласи за најотворена меѓу владите од регионот.

– Клучот е во рацете на новинарските професионалци, да се саморегулираат и да се држат до етичките и професионални стандарди. Владите и сите политички субјекти се должни да ги поддржат овие стандарди. Владата пристапи и кон измени и дополнувања на законската регулатива со цел професионализација и департизација на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис. Во содржината и суштината на предложената измена и дополнување се интегрирани препораките на новинарските и медиумските организации, кои претходно беа игнорирани, а дополнително ги вградивме и клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор, додаде министерот.

Феноменот на лажните вести, укажа, го отвори прашањето за иднината на новинарството во дигиталната ера на начин кој е веќе алармантен.

-Користејќи ја развиената технологија, дезинформациите ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација, рече Поповски, потенцирајќи дека активната транспарентност е најлош и соодветен непријател на лажните вести и дезинформациите.

Според потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, слободата на говорот и слободниот пристап до информации се основни човекови права, а слободното, непристрасно и објективно медиумско известување претставува еден од клучните столбови на секое демократско општество. Дезинформациите не само што ја нарушуваат способноста на граѓаните за донесување издржани одлуки, туку и ја поткопуваат довербата во институциите и во дигиталните и традиционални медиуми.

Мисовски подвлече дека се неопходни заеднички напори за сузбивање на дезинформирањето и пронаоѓање соодветни решенија за неутрализација на неговото негативно влијание.

-Но, во одговорот во спречувањето на ширењето лажни вести, треба да се внимава да не се прекрши правото на слободата на користење извор на информации и слободата на говор, како и да се одбегнуваат мерки и активности кои можат да бидат класифицирани како цензура, предочи Мисовски.

Земјава, истакна, се залага за промовирање и поддржување на истражувачкото новинарство и зголемување на професионализмот во новинарството, како и обезбедување стабилен и сигурен систем на финансирање на јавниот сервис, како главен информативен систем за понуда на точни, навремени и веродостојни информации за граѓаните.

На седницата „Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“, презентации имаа и претседателот на Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка, Џеват Адеми и Зоран Попов, претставник на Советот за регионална соработка.