Поповска: Нема доволно инспектори за здрава животна средина
Потребно е да се примат многу повеќе инспектори, но инспектори кои ќе бидат стручни, добро обучени со константна обука за начинот на водење на надзорите за здрава животна средина. Потребна е и подзаконска регулатива бидејќи само законите не се доволни. Инспекторите немаат алатки со кои би го вршеле надзорот, многупати се импровизира. Нема стандардизирани процедури на водење на инспекциски надзор. Потребна е изградба и на целосен систем на соработка помеѓу сите институции. Потребна е соработка со други сродни институции како со Министерството за внатрешни работи, изјави Лилјана Поповска, координаторка на Граѓанскиот инспекциски совет.
Според Поповска екологијата е на многу ниско ниво на приоритет на секоја влада и политика.
-Во политиката кога се прават приоритетите екологијата е на многу ниско ниво. Ужасно е тешко да се избориш за повеќе средства, вели Поповска.
Како што вели поранешната лидерка на ДОМ Инспекцискиот совет е создаден за да го контролира работењето на Државниот инспекторат за животна средина бидејќи, според Поповска, тоа е клучна институција која треба да ја штити животната средина и да се бори против загадувачите.
– Бидејќи со години не сме задоволни од начинот како тоа се прави, сметавме дека една ваква обвивка од граѓански организации кои тесно ќе соработуваат со државниот инспекторат за животна средина ќе го контролира, ќе помага , ќе нуди своја експертиза и ќе помогне во комуникацијата со другите институции. Ќе поддржува се што е добро, а ќе критикува се што не чини, вели Поповска.