Попова Шапка доби нова шестоседна жичница


На Попова Шапка денес беше свечено пуштена во употреба жичница шестосед, која е со капацитет од 2.400 скијачи на час и е една од најсовремените во регионот. Инвестицијата ја реализираше АД ЕСМ, а проектот е вреден над девет милиони евра.

По повод пуштањето на жичницата на Попова Шапка беше премиерот Оливер Спасовски, кој најави изградба и на три километри нови скијачки патеки, кои дополнително ќе ја збогатат понудата на ова зимско одморалиште.

Тој беше придружуван од вицепремиерот Садула Дураки, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот без ресор Хисен Џемаили, генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски и управителот на ЕЛЕМ Турс Џемаиљ Јусуфи.

„Попова Шапка е еден од најдобрите капацитети со најголеми можности. Центар што би требало да биде знаменосец во развојот на туризмот во Македонија и во тој правец треба да се заложиме сите, и Владата и локалната самоуправа“, истакна премиерот Спасовски. Тој додаде дека се преземаат чекори за ревитализација и се изготвуваат анализи како и во која насока треба да се развива овој туристички центар.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека ова е една од најважните инвестиции на АД ЕСМ и на Владата.

„Освен оваа инвестиција што денеска ја пуштаме во употреба, треба да ја нагласам важноста на реконструкцијата на патот Тетово-Попова Шапка што им олеснува на туристите и граѓаните да ја посетат оваа туристичка дестинација“, рече Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски рече дека овој проект е почнат во 2014 година, а првите активности на терен стартувале во 2016 година.

„По неколку годишен застој на крајот од 2018 и почетокот на 2019 година со доаѓањето на новиот менаџмент во АД ЕСМ и со моето доаѓање во месец септември, заедно со работната група која беше задолжена за имплементација на овој проект, буквално преку секојдневни активности со инвеститорот и со изведувачите успеавме до крајот на 2019 година да го завршиме овој проект“, истакна Ковачевски.