Поплавени улици во Куманово, можно излевање на Пчиња


Невреме со пороен дожд и силен ветер попладнево го зафати Куманово и Кумановско. Улиците во централното подрајче беа поплавени, бидејќи шахтите не ја апсорбираа големата количина на вода, а силниот ветер откорна и неколку дрвја.

– Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ интервенираа на повеќе локации, ги чистат јавно прометните површини и ги санираат последиците, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.

Центарот за управување со кризи информира дека од Управата за хидрометеоролошки работи е забележан зголемен водостој на реката Пчиња во село Пелинце.

 

– Предупредуваме за можни локални излевања во горниот дел од сливот на река Пчиња, а истовремено заради зголемен доток можно е водата да создава поголем притисок врз дел од некои мостовски конструкции, стои во соопштението од ЦУК.

Забележан е зголемен водостој на реката Пчиња во Пелинце и на хидролошката станица на Крива Река во Крива Паланка, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според ЦУК, постои можност за излевање на Крива Река во селата Клечовце и Стрезовце, пред вливот во Пчиња.