Поплава на проруски партии во Бугарија


Истражувачкиот центар „Пју“ откри дека Бугарите имаат најпозитивни ставови кон Путин и Русија во целиот свет

Социјалистите отворено пропагираат „нормализирање“ на односите со Москва, неколку помали партии го величаат Путин и православието. Десничарите се трансформираат во проруски агитатори

 

Кандидатите за гласови на „русофилите“ во Бугарија се зголемуваат. На претстојните избори за прв пат се очекува да има јасно брендирана проруска партија – онаа на русофилот – „шпион“ Николај Малинов, но новобрендираната како православна, Атака на Волен Сидеров и Преродба на Костадин Костадинов остануваат во игра, не сметајќи ја Бугарската социјалистичка партија ( БСП), која традиционално ги собира проруските гласови.

Во последниве години, сепак, БСП зачекори во понационалистичко-популистичка реторика и веќе некое време дури ја разби идеолошката рамка уште повеќе, приклучувајќи им се на критиките на десничарските и либералните гласови против авторитарната и корумпирана влада на земјата. БСП ги поддржува тримесечните антикорупциски протести, а луѓето на Костадин Костадинов (наречен Костја Копејкин) активно се вклучени во нив, откако претходно организираа свои. Сепак, според последната анкета на агенцијата „Алфа рисрч“, поддршката на партијата на Костадинов е 0,8 отсто.

Најверојатно, напливот на проруски партии доаѓа од претпоставката на нивните лидери дека ова е плодна изборна ниша. Голем број студии во последниве години покажаа дека Бугарите се најголемите русофили во ЕУ, а истражувачкиот центар „Пју“ дури откри дека Бугарите имаат најпозитивни ставови кон Путин и Русија во целиот свет. Овие ставови беа потврдени и од Рускиот институт за стратешки студии, на чие чело беше генерал-потполковник Леонид Решетников.

Социолошките пресметки засновани врз различни индикатори покажуваат дека има околу 700.000 потенцијални гласачи во русофилската ниша, но тоа не значи дека која било таква партија може да земе толку многу гласови, изјави за „Медиапул“, Парван Симеонов, претставник на „Галуп интернешенел“.

Едно е да кажеш дека си „патриот“, друго е – „русофил“

„Ние со години ја следиме довербата во специфични земји и во ЕУ. Русија традиционално има 40:40 доверба и недоверба. Ова значи дека околу 2 милиони луѓе велат дека имаат доверба во Русија. Другите индикатори покажуваат дека 1/3 од нив се потенцијални гласачи во русофилската ниша, но колку тие всушност би гласале за ваква партија е апсолутно хипотетичко прашање, бидејќи на теренот ќе има многу такви формации – БСП и неколку помали, вклучително и православната Атака. Ситуацијата изгледа како неродениот Петко – луѓето прво треба да се навикнат на ваков проект, потоа да се натпреваруваат со другите и не сум сигурен дека има време за сето ова до изборите“, објаснува Симеонов.

Според него, за разлика од патриотската ниша, која е веќе тестирана и исполнета во одредена смисла, нема партија што може јасно да се прогласи како русофилска.

„Ќе видиме дали некој конечно ќе излезе и ќе рече: ‘Јас сум русофил’… Ова не е одиграно, сите велат: ‘Јас сум патриот’ или нешто слично“, вели Парван Симеонов, но додава дека барем досега не гледа како ова би довело до сериозна поддршка за која било русофилска партија.

Ништо не спречува проруските политики и ставови да се туркаат како вистински бугарски интерес – таква беше реториката на БСП на почетокот на транзицијата, но со текот на годините и со пристапувањето на Бугарија во Европската унија и НАТО стана малку непријатно да се рекламира како другар на Путин..

Сепак, земјата сè уште е тројански коњ на Русија, но тоа не се должи само на русофилските чувства меѓу Бугарите, туку и на стратегијата на владетелите, комбинирајќи ја корупцијата и агилноста во надворешната политика. За време на 11-те години како премиер, Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ вредно ја одржуваа енергетската зависност на Бугарија од Русија и се канал за енергетските интереси на Русија во ЕУ.

Во обид да го прикрие овој факт, Борисов стигна до различни перверзии – на пример, Бугарија се согласи да го гради рускиот гасовод „Турски поток“ на бугарска територија, но го нарече „Балкан“.

Пред две години, кабинетот на Борисов одби да протера руски дипломати во врска со обидот за атентат врз двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Британија Така, Софија остана еден од исклучоците во ЕУ, која не ги прифати заклучоците на западните служби дека Москва стои зад обидот да се отруе Скрипал.

Апсурдот отиде дотаму што минатиот месец Борисов се приклучи на позицијата на другите лидери на ЕУ, осудувајќи го труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални со „новичок“, но никогаш пред ЕУ не го постави прашањето за слично труење на тројца бугарски државјани од бугарски државјани уште во 2015 година.

Наспроти ова, отповикувањето на неколку руски дипломати од Бугарија под обвинение за шпионажа се чини како не толку оригинален обид за мимикрија, што, сепак, тешко дека некого би довел во заблуда за реалниот став на бугарската влада за сè поопасните руски посегања кон европските демократии.

„Русофилите“ на Малинов

Интересно е дали лидерот на движењето „Русофили“, Николај Малинов, кој беше главниот јунак на измислениот скандал за шпионирање минатата година (според оценката на премиерот Бојко Борисов), не одлучи да го искористи како отскочна штица за политичка кариера. Во септември тој најави дека ќе регистрира партија за учество на парламентарните избори.

„Верувам дека овие вредности што нѐ обединуваат со Русија се вредностите што ќе ја спасат Бугарија. Нашата партија е природно продолжение на ова културолошко русофилство, кон кое јас многу држам“, изјави Малинов за бТВ.

„Кога започнав со русофилството, тоа беше срамежливо, а сега тоа е фактор во Бугарија. Постои влијание што му покажува на светот дека Русија и Бугарија се заедно”.

Лидерот на Атака, Волен Сидеров, ја ребрендираше својата партија од националистичка во православна во последните месеци. Неговата мисија е да го заштити источното православие, предводено од Русија. Сите се сеќаваат како тој побрза да го брани рускиот патријарх Кирил, наречен од неговиот тогашен коалициски партнер Валери Симеонов „полицаец на КГБ од втор ред“.

Сега Волен е потполно смирен, барем судејќи според неговиот повик за создавање на новата Атака:

„Со прифаќање на универзалната грешка во христијанскиот свет за развој на нашите земји како секуларни, се оддалечивме од совршениот систем на вредности што е православието! Создавајќи закони и правила што не се во согласност со божјите закони и правила, го изгубивме божјиот благослов, а со тоа и потребната мудрост да не грешиме!“

Во оваа фаза, „православната“ партија сепак не е призната од граѓаните и анкетите не ѝ даваат можност да влезе во парламентот.

Пред изборите во март 2021 година многу партии сакаат да се прикажат како вистински пријатели на Русија. Во прашање се 700 илјади гласови на русофилите

Преродба на Костадин Костадинов исто така е обожавател и прокламатор на вредностите на рускиот претседател Владимир Путин. На последните парламентарни избори во 2017 година, партијата доби 1,1 отсто од гласовите и остана надвор од Националното собрание. Неодамнешните анкети на јавното мислење ѝ даваат поддршка на партијата на Костадин Костадинов помалку од 1 процент,

БСП: Да се ​​нормализираат односите со Русија

За време на 50. Конгрес на БСП, лидерот на партијата Корнелија Нинова повика на нормализирање на односите со Русија.

„Националниот интерес на Бугарија бара да ги нормализираме нашите односи со Русија, да градиме, да тргуваме, да патуваме, да имаме културна размена. Санкциите му штетат на ова. Еден дел од општеството нѐ обвинува дека сме русофили, а другиот дека сакаме добро партнерство Соединетите Држави и велат: ‘Ако е така, тогаш сте русофобични’. Ова е политика на крајности, филии и фобии. До кога ќе го делиме нашиот народ вака?“, коментираше Нинова. Студија на независниот институт за истражување „Политички капитал“ оваа година установи дека БСП е најпроруската партија меѓу најголемите европски политички семејства.

БСП традиционално освојува многу од гласовите на „русофилите“ и ако случајно дојде на власт и новоизбраните министри и оние во сенка влезат во вистинскиот Министерски совет, свртувањето кон минатото и кон Русија се чини неизбежно.

Претседателот Румен Радев е во контакт со Русија откако неговата кандидатура беше покрената од БСП.

Како претседател, сепак, тој се воздржа од јавна поддршка за Москва на европско ниво и беше на исто мислење со Бојко Борисов за протерувањето на руските дипломати за случајот „Скрипал“.

Во последните месеци на остра конфронтација помеѓу „Дондуков“ 1 и „Дондуков“ 2, кога Румен Радев ја опиша власта како „мутри“ и побара нејзина оставка, пропагандистите кои гравитираат околу ГЕРБ не најдоа за што друго да го обвинат претседателот, освен во блискост со БСП и Русија.

Тие предупредуваат дека проруските обврски на Радев се закана за националната безбедност, што се чини дека е демагогија, со оглед на посветеноста на владата кон интересите на Путин.

Генерално, Русија има доволно лостови на влијание во Бугарија за да смета на групата на маргинални проруски партии.

Сепак, нивното присуство веројатно дополнително ќе го зајакне руското влијание во Бугарија. (Медиапул)