Попладнево од Кипар ќе замине хуманитарната помош за Газа


Во попладневните часови се очекува од пристаништето во кипарскиот град Ларнака да тргне бродот со хуманитарна помош за Газа, во рамките на иницијативата „Амалтиа“ за поморски коридор, во која се вклучени ЕК и Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Кипар, Обединетите Арапски Емирати, САД и Холандија, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите на кипарската новинска агенција, специјалниот брод на кој е поставена пловечката платформа „ММС АРИС“ натоварена со околу 150 тони хуманитарна помош, вклучително и храна, се очекува да тргне попладне, откако прво ќе биде одобрено од Израел.

Претседателот на Кипар, Никос Христодулидис синоќа изјави дека од безбедносни причини не може да го соопшти конкретното време кога ќе отплови бродот од Ларнака, објасни дека се во постојан контакт со земјите кои ја поддржаа иницијативата, но и дека има интерес и од други држави да се вклучат.

Портпаролот на кипарската Влада, Константинос Летибиотис преку „Х“ денеска истакна дека иницијативата за воспоставување поморски коридор за обезбедување хуманитарна помош за цивилното население во Газа беше подготвена и претставена во октомври, а оттогаш до завчера постоеле интензивни дипломатски контакти и напори за имплементација.

– Нашата визија за Кипар е модерна, европска земја, која меѓународно се смета за кредибилен партнер и столб на стабилност во регионот, напиша Летибиотис.

Поморскиот коридор за хуманитарна помош за Газа, беше во фокусот на разговорите на кипарскиот претседател, Никос Христодулидис и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на нивната средба во Никозија во петокот.