Попладневната дремка го штити мозокот

Овој сон не треба да трае подолго од половина час, а може да заштити од сериозни болести, тврдат британските експерти


Лондон- Кратката дремка во текот на денот може да помогне да се зачува мозокот и да се забави неговото стареење, велат истражувачите од Универзитетот во Лондон.

Резултатите од новото истражување се спротивни од претходните кои сугерираа дека спиењето попладне може да биде ран симптом на Алцхајмерова болест. Британските научници тврдат дека пронашле докази кои укажуваат дека кратките дремки во текот на денот, главно попладне, можат да помогнат во заштитата од намалување на мозокот и да ја подобрат способноста на човекот за учење.

Според Викторија Гарфилд, коавтор на споменатата студија, спиењето во текот на денот позитивно влијае на одржување на масата на главниот орган на човечкото тело, бидејќи многу одамна е откриено дека мозокот се намалува за време на стареењето, што го забрзува почетокот на невродегенеративните болести. Тим британски експерти по истражување заклучил дека мозокот на луѓето кои редовно дремеле во текот на денот е поголем за 15 кубни сантиметри, што одговара на одложување на стареењето за три до шест години, објави британски „Гардијан“.

„Најдовме поврзаност помеѓу вообичаениот дневен сон и поголемиот вкупен волумен на мозокот, што покажува дека редовното дремка нуди одредена заштита од невродегенеративни болести“, рече истражувачкиот тим.

За истражувањето биле користени податоците на 35.080 учесници на возраст од 40 до 68 години, а биле следени и нивните генетски предиспозиции за дремење. Според Викторија Гарфилд, студијата покажала поврзаност помеѓу генетската предиспозиција за вообичаено дневно спиење и поголем волумен на мозокот, што овозможува стареењето да се забави за две до шест години.

Научниците препорачуваат дремките да бидат пократки од половина час, нагласувајќи дека тоа е особено важно за бебињата и постарите лица. Во текот на првата година од животот на најмладите, спиењето е неопходно за целосен развој, додека кај популацијата над 65 години, многумина не можат да замислат ден без краток одмор.

„Сметаме дека секој може да има корист од дремката. Овој совет е полесен за спроведување отколку оној за слабеење или вежбање“, вели Викторија Гарфилд.

Иако сите би биле задоволни со ваквата препорака, сепак е тешко да се замисли дека оние кои студираат или работат можат да најдат половина час сон во текот на денот.

Многу експерти ги поддржаа резултатите од оваа студија, тврдејќи дека тоа е уште еден показател за тоа колку спиењето е важно за здравјето на мозокот.