Пописот се одложува за една година


Наместо во април следната година, пописот на населението и домаќинствата во земјава би се одржал во 2021 година, која е пописна година и во земјите-членки на ЕУ.

Од Државниот завод за статистика соопштија дека ќе дадат предлог до Министерството за правда, како предлагач на законот за попис,  спроведување на операцијата  да се пролонгира за април 2021 година, а законот за попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката влада во јануари.

Директорот на ДЗС  Атанас Симовски најави и тужба за клевета во врска со изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека државниот завод за статистика фабрикува извештаи по нарачка на владата.

Со првичното решение во законот за попис, за кој нема сѐ уште усогласеност меѓу партиите, беше предвидено статистичката операција да се спроведе во април следната година. Тоа отпаѓа како варијанта по политичкиот договор во тоа време да се спроведат десеттите парламентарни избори во земјава во вонреден термин.

Ианку, и 2021 година е изборна година, со тоа што следните локлани избори треба да се одржат наесен за две години.

И премиерот Зоран Заев во денешната изјава ја стави отворена опцијта за одложување на пописот за една година, односно за негово спроведување во април 2021 година.

Заев ја спомна повторно и опцијата за спроведување на пописот наесен следната година. Посочи дека ќе се почитуваат препораките  од Државниот завод за статистика, но и дека е многу важно прво да се донесе Законот за попис.

–Без разлика дали ќе имаме попис во 2020 или 2021 година, законот треба и мора да го донесеме заради тоа што пробниот попис успешно помина и државата мора да има попис – изјави Заев.

Изрази уверување дека законот ќе биде донесен и дека проценката на Заводот за статистика ќе биде конечна.

– Ја слушнав изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар. Тој апелираше законот да се донесе, а одлуката е 2020 или 2021 година. Знаете и дека опозицијата имаше забелешки, дајте да се одложи пописот. Сега веќе кога одлучивме консензуално изборите да бидат април 2020 година, тогаш ја губиме пролетта за одржување на пописот – изјави Заев.