Пописот ќе се спроведе од 5 до 30 септември, не размислувам за одложување, вели Заев
Пописот е веќе договорен, тој беше одложен по барање на сериозен учесник во нашето општество, а тоа најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, така што оваа операција ќе се спроведе од 5 до 30 септември, изјави денес премиерот Зоран Заев.
„Не размислувам за негово одложување, тој е наша обврска и наша должност“, рече Заев.
Со ова тој ги отфрли претпоставките дали може да дојде до ново одложување на оваа статистичка операција, со оглед на зголемениот број на заразени со Ковид и немањето доволен број на попишувачи.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека деновиве се прават дополнителни напори да можат граѓаните да се пријават за попис.
„Ја користам оваа прилика уште еднаш да апелирам до граѓаните. Примањата се од 25 илјади до 45 илјади денари за 25 дена анкетирање. Апелирам граѓаните, посебно во општините во кои што има дефицит на луѓе, да се пријават за да може на време да се заокружат сите бројки. Јас верувам дека ќе имаме доволно попишувачи. Пописот е статистичка операција која што е насушно потребна за сите наши економски планови и предизвици“, рече Заев.