Пописот бил прекинат за да се избегнат меѓуетнички тензии, тврди Ахмети

Пописот на населението во 2011 бил прекинат за да се избегнат меѓуетнички тензии, дури како што рече, во тоа време дестабилизација на земјата, нешто што го посакувале многумина. Ова беше еден од одговорите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера на распитот кај обвинителката Фатиме Фетаи за случајот Попис. Тој тоа го кажа пред новинарите, додавајќи дека со одложувањето на пописот не е направено кривично дело.

„Тогаш беше многу тежок момент, многу напнат, дури со меѓуетнички размери, направени се обиди како пратеници, луѓе кои имаме одговорност тој попис да се одложи со цел да не се прават проблеми во државата бидејќи многумина во тој период посакуваа дестабилизација на нашата земја. Поради менаџирање на ситуацијата, оценив и оценивме сите заедно овој попис да се одложи.“, рече Ахмети.

Ахмети рече дека му е жал што вчерашното заминување од обвинителството, без да се соочи со медиумите е оценето како бегање од новинарски прашања, но рече дека имал набиена агенда.

„Жал ми е но мојата агенда беше планирана, во 10 часот имав други средби. Жал ми е што вака се направи бидејќи нема никаква цел и позадина, ниту конспиративна теорија“, рече Ахмети.