Попишувачите меѓу приоритетните за вакцинирање, позитивни на корона вирусот четворица инструктори за пописот


Фото: Б. Грданоски

Попишувачите ќе бидат во приоритетните групи за имунизирање со вакцините АстраЗенека кои ќе стигнат в недела преку Ковакс системот, изјави денес во Делчево премиерот Зоран Заев.

На овој начин тој потврди дека ќе биде исполнето барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попишувачите да бидат меѓу првите кои ќе се вакцинираат.

Инаку, првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски вчера изјави дека биле заразени четворица инструктори за попишување. Како што објасни, тие се заразиле од своите сопружници.

И покрај тоа, Симовски смета дека тоа не е пречка да се реализира пописот според предвиденото.

„Протоколите за попис се јавно објавени, има различни протоколи за различни ситуации. Има ситуации со лица во самоизолација, оние кои се позитивни, или каде има и заразени и здрави лица. Затоа некаде ќе се носат и скафандери при попишувањето“, истакна Симовски.

Премиерот Заев денес потврди дека пратката од 24.000 вакцини доаѓа в недела.

„Информацијата ја знаевме два -три дена пред да објавиме, тоа е првиот чекор на масовната имунизација, се прима една доза“, рече Заев. Тој додаде дека деновиве се очекуваат и другите количини со што ќе се овозможи вакцинирање на во целата земја.