Попис па избори или обратно


Додека Владата се подготвува за попис на населението и домаќинствата, ВМРО-ДПМНЕ очекува предвремени парламентарни избори. Овие две операции, според проценки во политички кругови, иако не се исклучуваат една со друга, речиси е невозможно да се спроведат во сличен временски период, особено ако се има предвид и очекуваната одлука за тоа дали Северна Македонија во октомври ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Под претпоставка сега да се донесе одлука за предвремени парламентарни избори, гласањето би можело да се реализира дури во почетокот на ноември, со оглед на роковите што се предвидени за распуштање на парламентот, а претходно и за формирање техничка влада. Таа влада, според Пржински модел, всушност, не би имала мандат да ги продолжи подготовките за попис во април в година. Избори оваа есен, исто така, би повлекле формирање на нова влада, што е процес што би се одолговлекол и во почетокот на новата 2020 година, независно од тоа која политичка гарнитура би дошла на власт. Според тоа, вонредни избори кон крајот на оваа година, најверојатно, би спречиле пописот да се одржи напролет следната година, како што е проектирано во првичната верзија на законот за кој се водат преговори на ниво на работни групи во парламентот.
Планираниот термин за попис во април, од друга страна, претставува „рампа“ за вонредни избори напролет следната година, иако во еден период во политички кругови се вртеа информации за наводен договор меѓу премиерот Зоран Заев и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за избори во март 2020 година. Заев вчера уште еднаш ја отфрли можноста за предвремени избори во период кога неговиот кабинет практично ја троши последната година од мандатот.
-Опозицијата ако сака избори, може во октомври 2020 година – рече Заев во Куманово, посочувајќи, всушност, на редовниот термин за одржување на десеттите парламентарни избори во земјава.

Опозицијата, од друга страна, бара да се одолговлекува пописот, а да се забрзаат изборите. Поточно пописот да се одложи за 2021 година, кога, всушност, на „Илинденска“ ќе биде некоја нова гарнитура, независно од тоа кога ќе се одржат изборите. Но, и во однос на пописот, Заев најави дека операцијата дефинитивно ќе се спроведе и тоа во периодот што е предвиден со предлог-законот, односно од 1 до 30 април.
-Ако се одржеше попис во 2011 година, можеби и ќе имаше основа овој попис да биде во 2021 година. Но, тој попис не се одржа, така што сега нема одложување на пописот – рече Заев.
Примерот со прекинувањето на пописот во октомври 2011, за кој подготовките почнаа неколку години претходно, е всушност, уште еден показател за сложеноста на оваа операција и за политичките импликации од неа. Особено ако се има предвид дека на тогашниот октомвриски попис му претходеа политичка криза и предвремени парламентарни избори неколку месеци претходно (на 5 јуни), од кои тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ излегоа повторно како победници, ама со значително ослабени позиции во споредба со претходниот мандат. Од друга страна, речиси дводеценискиот вакуум со пописот (последниот беше во 2002 година – по потпишувањето на Рамковниот договор) се покажа како голем недостаток во однос на прочистувањето на Избирачкиот список, што е една од причините за атмосферата на недоверба што се создава пред речиси секој изборен циклус. Затоа, проценките во политичките кругови се дека спроведувањето на пописот в година ќе има позитивно влијание при ажурирањето на Избирачкиот список пред новите парламентарни избори, кои во редовен термин би можеле да се одржат дури од септември следната година.
Но ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од барањата за избори, иако во меѓувреме неколку пати добиваше негативни одговори од премиерот, што беше и причина за неодамна да биде одложена лидерската средба на која требаше да се разговара за иднината на СЈО, пописот и изборната регулатива. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во изјава за Канал 5, посочи дека ако власта сака да ги добие гласовите на опозицијата за законот за јавно обвинителство, ќе мора да распише предвремени парламентарни. Тој рече дека ако Заев не прифати предвремени избори, опозициската партија ќе повика на протести.
-Без датум за предвремени избори не можеме ништо друго да поминеме во Собрание, без разлика дали експертските групи ќе се согласат или не. Заев има два начина да се усогласи со нас во однос на предвремените избори, со добро да седнеме и да ги договориме или граѓаните да кажат кога ќе бидат преку масовни протести – изјави Николоски.
Во меѓувреме, во парламентот продолжуваат разговорите во работните групи во очекување дека двете страни ќе се усогласат околу регулативата за пописот. Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата има сериозни, суштински и значајни забелешки за законот и концептот за новиот попис. Меѓу клучните барања на опозицијата е пописот да се одржи во 2021 година, како што било предвидено според Евростат, а не како што предвидува Владата. Тој период, рече Димовски, треба да биде искористен за подобра подготовка.
Тој не исклучува ВМРО-ДПМНЕ да се согласи и пописот да се одржи догодина, но, како што рече, само доколку се вградат суштинските забелешки. Во спротивно, потенцира Димовски, останува отворена опцијата партијата да повика на бојкот на пописот. Александра М. Митевска