Поп-феномен на Балканот: Здравко Чолиќ денес полни 70 години


Фото: Б. Грданоски

Балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (70) е поп-феномен на Балканот. До пред короната снимаше хитови и спотови, држеше концерти кои секогаш беа распродадени, изгледа одлично, брчките можат да му се избројат на прсти. Не е скандалозен тип, слободното време го минува со семејството и пријателите, сам ја избира гардеробата и открива дека за да бидете во топ-форма мора да имате внатрешен мир. Не размислува за музичка пензија. Додека го служат телото и гласот, ќе пее и понатаму.

Речиси никој не знае како изгледа сопругата на Чола, Александра како и неговите две ќерки Уна и Лара, кои исто така бегаат подалеку од очите на јавноста иако се доста присатни и на социјалните мрежи. Роден во Сараево, Чолиќ со семејството живее во Белград, а неговото заработувачка се цени на 20 милиони долари.

Последниот концерт во Скопје му беше на Градскиот стадион во 2019 година, третиот во низа во главниот град по двата во 2018 година во ВИП Арената.

На концертите на Чолиќ, најомилената наша ѕвезда од регионот, секогаш доаѓаш како дама и господин, а излегуваш како возбуден и среќен тинејџер, како да си освоил лото, како да не знаеш што да правиш со сета таа среќа, чувство и задоволство.

Ѕвезда и мангуп цел живот, никогаш не е здодевен иако ги знаеме наизуст старите хитови но и новите песни. Прекрасен звук и визуелни ефекти, преубави танчерки на сцена, звездено небо од пенкала-сијалички и огромен балон за публиката.

Стадионот, беше преполн со среќни луѓе, жени, мажи и деца од сите генерации, носталгични по едно убаво време, но и радосни што Чола со новиот албум пак ни донесе симболично уште „Она малку среќа“.

Во претходно интервју за „Независен“ поп-ѕвездата која во една регионална анкета за тоа кои се ексјугословенски брендови- го освои второто место, по Тито вели дека мотивацијата да не замине во пензија е во публиката, во големиот број луѓе што доаѓаат на неговите концерти, ја слушаат неговата музика, ги чекаат новите песни и ги пеат на првиот нареден концерт заедно со него.

-Тоа е одлична енергија која ја разменуваме, но мотивација се и песните во кои уживаш додека ги снимаш. Сè повеќе ми прави задоволство тој креативен дел кога се реализира албумот, се избираат песните, сето тоа е инспиративно за еден уметник… Исто така, ја работиш и работата што ја сакаш, уживаш и самиот во тоа, па и живееш од тоа – сето тоа заедно е силен мотив човек да се занимава со оваа работа, објаснува Чола.

За тајната на успехот вели:

-Ако зборуваме за мојата кариера, секогаш водев сметка за изборот на песните кои ми одговарале, во морето на разни автори и стилови. Во сето тоа барав некаква средина и нешто што ми одговараше бидејќи сметам дека песните и вокалот, како и самата емоција и енергија што го следи тоа, се всушност клучни, ни изјави Чолиќ. (Л.С.)