Поништено конзерваторското мислење за локацијата кај Воена болница, на потег Јакимовски


Фото: Б. Грданоски

Конзерваторскиот центар – Скопје донел решение со кое го поништил позитивното конзерваторско мислење за висококатницата планирана за градење во близина на Градската општа болница „8 Септември“. Решението денеска било доставено до Општина Карпош и до инвеститорот.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, сега треба да ја поништи и дадената градежна дозвола.

– Ќе го разгледаме решението и врз основа на тоа, ќе одлучиме како ќе постапиме понатаму – вели градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

– Заштитата на културното наследство е наш приоритет и обврска и токму затоа Министерството за култура, како орган, ги презема сите активности за негово зачувување – напиша министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук. 

Притоа, таа објаснува дека постоењето акти во правниот систем што не кореспондираат со позитивната законска регулатива, освен што го руши целокупниот систем, доведува и до правна несигурност, а, во крајна линија, и до можна злоупотреба.

– Институциите се должни да постапуваат во согласност со позитивните законски прописи. Затоа, сите од надлежните засегнати институции во овој случај да постапат согласно со своите надлежности, а, пред сè, во насока на заштита на културното наследство и на јавниот интерес – повика Костадиновска-Стојчевска.

На локацијата и натаму има градежни машини кои работат и го подготвуваат теренот за изградба.

Јакимовски во средината на јануари ја потпиша градежната дозвола за изградба на спорната 17-катница среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Инвеститорот на градбата „ЗСФ Ком“ веќе го огради градилиштето и на терен почнуваат градежни работи за изградба на зградата.

Парцелата на која треба да се гради зградата се наоѓа непосредно до болницата „8 Септември“ која има статус на споменик на архитектноско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. За добивање на градежна дозвола, според Законот за заштита на културно наследство, проектот мора да биде одобрен од Конзерваторскиот центар. Истиот центар, по едно негативно, даде позитивно мислење – кое сега треба да се укине.