Јавниот превоз во Скопје на почек – поништен тендерот за набавка на 120 еколошки автобуси
Зимава ќе се возиме во преполни, амортизирани и нееколошки автобуси, кои ретко доаѓаат

Министерството за транспорт го поништи тендерот за избор на понудувач за набавка на 120 електрични еколошки автобуси за јавен превоз и станици за полнење, откако надлежната Комисија утврдила дека единствената пријавена компанија не ги исполнува условите од објавениот повик.
Прес-службата на Министерството за транспорт најави дека во следниот период ќе се направат дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информираат јавноста.
– На јавниот повик кој беше објавен на 17 јуни со краен рок за достување на понудите 24 јули 2025 година, само една компанија достави понуда. По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набаака, утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите согласно објавениот јавен повик. Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста, се вели во соопштението од Министерството за транспорт.
Од 120-те еколошки автобуси што требаше да се набават со повикот, 80 требаше да бидат наменети за Град Скопје, а останатите 40 за општините согласно економската оправданост и нивните реални потреби.
Објавен повикот за набавка на автобуси за јавен превоз и станици за полнење
Владата најави дека ќе набави нови автобуси за Град Скопје, со цел да се овозможи попристоен и навремен превоз на патниците, но и да придонесе за почист воздух. Првичната најава беше дека овој оглас ќе се распише до крајот на минатата година, но тоа се случува половина година подоцна.
За да покажат дека не ги делат градовите, премиерот неколкупати најавуваше дека дел од авобусите ќе бидат дадени во градовите од внатрешноста.
Претходно, автобуси беа ветувани во програмата „За модерно Скопје„, кога ВМРО-ДПМЕН ја поддржа за градоначалничка Данела Арсовска. Но, откако се скараа, советниците во Град Скопје, од редовите на сега владејачката ДПМНЕ, не гласаа за предлогот на Арсовска за набавка на нови автобуси, близу 50 пати.