Понесете и грутка земја на протестниот марш против насилството врз жените денеска во паркот „Жена борец“


Фото: Б. Грданоски

Иницијативата „Ниту една повеќе“ денеска, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојќињата, организира протест во паркот „Жена борец“ како одговор на зачестените случаи на семејно насилство и фемициди во земјата.

„Кога институциите се глуви, да ги натераме да нè чујат! Се среќаваме на единственото место каде прави смисол да бидеме заедно, на улица, во протестна борба за женските животи. Споделете со вашите другарки, другари, сестри, браќа, мајки, татковци, баби и дедовци, колеги, колешки, целото соседство и целиот град“ апелираа организаторите на протестот.

Протестниот марш ќе започне во паркот во 17 часот, а од иницијативата повикаа секој учесник, освен свирчиња и батериски ламби, да донесе и грутка земја.

„На протестот ќе валкаме раце. Културно уметничка група на активистки подготвува не-симбилична перформативна акција на крајот на протестот“, се вели во повикот од организаторите.