Помош и за фирмите на кои ќе им избегаат вработени
Над 4.000 компании можат да конкурираат за финансиска поддршка на инвестициите откако со измените на Законот се олеснети условите. Барањата може да се поднесуваат од понеделник, а вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши ги повикаа компаниите да аплицираат. На располагање им се 70 милиони евра, а ветувањето е дека до крајот на годината компаниите на кои ќе им бидат одобрени, ќе ги добијат парите.
Минатата година поддршка добиле над 300 компании, потпишани се 30-ина договори за изградба на нови фабрики од кои 20 во ТИРЗ зоните, а 10 надвор од нив, рече вицепремиерот Анѓушев. Поддршката лани надминала 45 милиони евра.
„Измените на регулативата се во насока на поголема поддршка на индустријата и економијата, а се опфаќаат фирми кои не беа опфатени првично со Законот. Финансиска поддршка може да користат и компании од ИТ-секторот, од преработувачката индустрија што не се опфатени со ИПАРД, а сакаат да направат индустриско производство и преработка на прехранбени производи. Барање може да поднесе и компанија од секторот трговија, но за да направи производствена дејност, како и од градежниот сектор, но не за изградба на станови, туку за асфалтна база или нови машини – информираше Анѓушев.
Компаниите што имаат веќе склучено договори за поддршка можат до 1 август да аплицираат за усогласување на договорите со новите измени и дополнувања на Законот. Компаниите што веќе имаат реализирано инвестиции лани и сакаат да склучат договор за финансиска помош, препорачливо е да поднесат барање до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот или до Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони исто така до 1 август, за да осигураат дека државната поддршка им биде исплатена до крајот на 2019 година.
Со измените на компаниите им е оставена можност да флуктуира бројот на вработени до пет отсто, а што според вицепремиерот произлегува од тоа што некои компании го губат стручниот кадар и не можат да најдат нов, како и поради купување нова технологија што е автоматизирана.