Поминал преку две полни линии со џип, усмрти човек и доби само условна казна затвор


Сообраќајната несреќа во која загина возачот на моторот, а бремената сопруга остана без плодот

Една пресуда денеска повторно ја стави под голема лупа работата на судството. Пред две години Васил Ч. од Тетово на улицата „Теодосиј Гологанов“ кај Млечен ресторан во Скопје помина преку две линии со својот џип „ситроен“ удри во мотор, по што загина возачот, а неговата бремена сопруга го загуби детото. Судијката Елена Јосифовска од Кривичниот суд во Скопје денеска пресуди двегодишна условна казна за сторителот на делото, наведувајќи ја како главна олеснителна околност дека обвинетиот ја признал вината.

Сопругата на починатиот, Наташа Апостоловска, на Фејсбук реагираше гневно:

„Денеска, во името на граѓаните на РСМ, судијата Елена Илиевска-Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди! Само затоа што признал! Дно дна!“, напиша Апостоловска.

Со реакција се јави и таткото на починатиот. Во своето обраќање преку социјалните мрежи тој напиша дека се навестувала таква пресуда.

„Пријатели. Сакам да ве известам дека денес се донесе пресуда за смртта на мојот син кој загина пред две години во сообраќајка. Неговата сопруга бремена го изгуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди. Пред да ја каже судијката пресудата ме известија дека каква и да биде пресудата да останеме смирени, бидејќи може да бидеме казнети. Судијката со многу очај кажа дека ѝ било многу тешко да ја донесе оваа пресуда. На сите отежителни и олеснителни околности, пресудата гласеше не е виновен и ќе биде две години условно осуден. Ние ќе бидеме казнети ако негодуваме, а тој што одзеде животи и уништи животи на фамилии си е слободен? Тоа е нашето судство, обвинителство и цел синџир на судски заврзлами. Сега нека пресуди народот кое судство и која правна држава имаме“, напиша таткото на починатиот.

Првото рочиште за предметот се одржало завчера и Васил Ч. веднаш ја признал вината за сообраќајната несреќа. Пресудата која денеска ја слушнале оштетените во случајот е само изречена, но не е и напишана. Обвинителството ќе одлучи што ќе прави откако ќе ја добие пресудата напишана. (Н.В.)