Помеѓу 400 и 500 француски средни училишта утре ќе бидат затворени


Париз – Помеѓу 400 и 500 средни училишта во Франција утре ќе бидат целосно или делумно затворени поради последиците од насилните студентски протести, додека најмалку 24 училишни објекти беа запалени или вандализирани, објави денеска францускиот министер за образование Едуар Жефре.

„Наставата во петокот беше прекината во помеѓу 400 и 500 институции, а веројатно ќе има приближно ист број и во понеделник, но со делумно и постепено продолжување на наставата“, рече Жефре, пренесува Фигаро.

Францускиот министер изјави дека од почетокот на протестот, 78 вработени во образовниот систем се повредени.

Според него, училиштата се затвораат кога не се исполнети безбедносните услови, или поради материјална штета или затоа што вработените биле директно загрозени.

Жефре рече дека на протестите се придружиле и некои членови на екстремната левица, кои ги обвини дека ја преземаат контролата врз студентското движење и дека се насилни.

„Тоа претставува ризик и за нашите вработени и за учениците, откако 78 вработени во образованието беа повредени, што никогаш порано не сме го виделе. Тие беа намерно нападнати затоа што се вработени во образованието“, рече министерот.

Протестите и блокадите на средните училишта започнаа на 17 септември во парискиот регион, а потоа се проширија низ целата земја.

Ситуацијата, потсетува францускиот весник, ескалираше во четврток во неколку француски градови. Во петокот беа регистрирани тензии и повеќе од 1.700 апсења, додека од почетокот на неделата имаше вкупно околу 5.000 приведени.

Организаторите повикаа во вторник протестите да продолжат, наведувајќи дека не добиле „конкретни мерки“ од властите.

Меѓу другото, учениците што учествуваат во протестите бараат повеќе персонал и повеќе финансиски средства за образование, а се жалат и на притисокот од системот за прием на факултетите, недостатокот на замени за отсутните наставници, лошата состојба на училишните згради и преоптоварените распореди на часови.с