Помалку болести и смртност кај новороденчиња со примена на природните процеси на породување и доење

Природното породување и доење да бидат позастапени од царскиот рез и вештачкото млеко, како превенција од болести и смртни случаи кај новороденчињата, порачаа лекарите на денешното предавање за жени и трудници во Тетово насловено „Како да се намали перинаталниот морбидитет и морталитет кај новороденчињата“.

Ова е прво предавање на Советувалиштето за трудници, мајки, жени во менопауза, адолесценти и деца во пубертет при Гинеколошко- акушерската амбуланта Меркур-Венера.

– Царскиот рез на светско ниво надминува и 50 отсто што само по себе носи перинатален морбидитет и морталитет затоа што се јавуваат компликации од анестезија, хируршка оперативна техника и слично. Идејата е да се вратиме на нормално породување, со тоа се намалува инциденцата на царските резови и само тие да ги тргнеме ќе биде доволно да се намали перинатален морбидитет и морталитет на мајката и на новороденото, пред се на мајката, истакна Д-р. Борислава М. Спировска, гинеколог-акушер.

Д-р. Јорданка Маџовска, специјалист педијатар истакна дека природните процеси не треба да се избегнуваат поради големиот број бенефити кои ги нудат.

– Новородено со самото тоа што поминува низ родилниот канал, откако живее девет месеци во вода која се истиснува при раѓањето, првиот воздух што го дише е адаптација и е благодарение на спонтаното нормално породување. Бебето кога ќе се роди има промена во сите системи на дишење, на исхрана, а почнувањето со доење полесно го адаптира на надворешниот свет, не се губат калории и не се губи на телесна тежина. Доењето му помага да го надмине тој за него стресен период од една темна и мирна средина во надворешна средина што е полна со предизвици, сензорни, визуелни и допирни, рече д-р Маџовска.