Получекор назад на Мицкоски по неделниот протест
Откако во неделата по големиот протест лидерот на опозицијата на Фејсбук напиша – „Македонија е жива и повеќе од тоа, народот врие… Слобода за устовобранителите! Ќе се бориме заедно за исправање на неправдите и одговорност без оглед за кого се работи“ – денеска Христијан Мицкоски направи еден получекор назад од барањата велејќи дека тој бара повторно судење на оние што беа осудени за 27 април.
„Она што ние го поддржуваме е правда. Никој не вели дека поддржуваме насилство. Напротив, во Македонија постои судска пракса, дел од случаите за за кои има основано сомнение дека биле политички инструирани, да има повторно судење од почеток за да се аргументираат позициите на двете страни – на обвинителството и на лицата што се обвинети. Тоа е она за кое ние се залагаме. Ако го набљудувате случајот за оние кои што се осудени за тероризам, можеби Македонија е единствената држава со толку терористи во затвор. Ќе видите дека судијата кој што ги изрече овие драконски казни е судија кој како да полагаше устен испит пред да стане уставен судија“, рече Мицкоски.
Оваа изјава на Мицкоски дојде откако во јавноста барањата на протестот имаа повеќе негативни отколку поддржувачки одгласи и граѓаните на најбуквален начин ги потсетија на она што се случуваше точно пред четири години. А особено по жестоката реакција на нивниот можен коалициски партнер по следните избори, Алијансата за Албанците. Во изјава за Дојче веле Зијадин Села беше дури и груб: „Вчерашниот протест е скандал. Не само дека се терористи тие што се во затвор и оние што тоа го организираа однадвор, туку се и хулигани, варвари и кукавици. И сите што нив ги поддржуваат, треба да знаат дека на такви кукавици им даваат поддршка. Не дека се невини тие што се во затвор, туку треба да се види уште колку виновни се на слобода“, рече Села.
Со тоа двете партии кои се обидуваа неодамна да воспостават некаков мост меѓу себе сега се најдоа на сосем различни страни. Мицкоски со денешната изјавата сакаше да ги намали штетите од протестот кој неговата партија го поддржа. (Н.В.)