Полското камерно трио „Пендерецки“ на „Охридско лето“


Шестиот ден од програмата на годинешното 59-то издание на „Охридско лето“ нуди концерт на полското трио „Пендерецки“, составено од уметниците Конрад Сколарски на пијано, Јарослав Наджицки на виолина и Карол Марјановски на виолончело.

Клавирското трио „Пендерецки“ е креирано со голем ентузијазам од страна на тројца од најдобрите и најзначајни полски музичари на денешницата. Долги години тие биле блиски со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот огромен творечки опус.

Секој од членовите на ова трио – талентираниот пијанист Конрад Сколарски, виртуозот на виолина Наджицки како и сензационалниот виолончелист Карол Марјановски има независна кариера во нивната родна земја и во странство. Тие се лауреати на бројни интернационални натпревари, и имаат концертни настапи во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија. Како солисти и камерни музичари (двајцата гудачи до неодамна беа јадро на Квартетот „Мекоре“), сите членови на триото „Пендерeцки“ настапувале во познати концертни сали како Аудиториумот во Мадрид, „Вигмор хол“, „Кадоган хол“ и „Мењухин хол“ во Лондон, „Музиквераин“ во Виена, „Бозар“ во Брисел, Фрик колекцијата во Њујорк, уникатниот „Полак“ хол во Монтреал, големата сала на Варшавската филхармонија, Големата сала на Московскиот конзерваториум, концертната сала „Арам Хачатуријан“ во Eреван, „Атенеум“ во Букурешт.

Иако постојано настапуваат или снимаат, секој од музичарите настојува да има независна кариера, па така секој од нив остварува соработки со исклучителни музичари како: Алфред Брендл, Гунтер Пихлер, Герхард Шулц, Валентин Ербен, Хаиме Мулер, Павел Гилилов и квартетот „Артемис“. Како солисти настапуваат со реномирани диригенти меѓу кои: Кшиштоф Пендерецки, Михаил Јуровски, Џо Ан Фалета, Лукаш Борович, Валериј Гиергиев, Максим Венгеров, Кристијан Јарви, Џанкарло Гуерреро, Сергеј Смбатјан, Масимилијано Калди и Пол Гудвин. Настапуваат со врвни светски оркестри како Лондонската филхармонија, Кралската филхармонија од Лондон, МДР симфонискиот оркестар и оркестарот „Симон Боливар“ од Венецуела.

Добитници се на бројни награди на натпревари, но и нивните снимени изданија добиваат бројни признанија од стручната музичка јавност. Така добитници се на наградата „Суперсоник“ која ја доделува германското музичко списание „Пицикато“, наградени се со дури пет „Златни дијапазони“ од страна на француското списание „Дијапазон“, а неколку пати се номинирани за полската награда „Фредерик“.

Образованието, овие тројца уметници го стекнуваат на Високата школа за музика во Келн, на Бостонскиот конзерваториум, на Универзитетот за музика „Фредерик Шопен“ во Варшава на Академијата „Падеревски“ во Познан каде сега се занимаваат со педагогија.

Триото „Пендерецки“ има голема чест да го носи името на нивниот ментор, Кшиштоф Пенедерецки, еден од најзначајните живи полски композитори кој со своите дела и уметничка личност остава огромен белег врз културниот живот во Полска во минатиот, но и во овој век.

Концертот ќе се одржи во несекојдневната акустика на катедралната црква „Света Софија“, со почеток од 21 часот.