Полските хулигани си заминаа – Платиле вкупно 33 илјади евра за казни

Наместо да ја бодрат својата репрезентација на трибините и да ја слават нејзината победа, над двесте полските навивачи ќе ја паметат македонската полиција и судови. Тие веќе си заминаа во Полска, но со 150 евра помалку, пари што ги дадоа за казна која ја платија за масовната тепачка што се случи во Градскиот парк во Скопје, пред почетокот на натпреварот.

За нарушување на јавниот ред и мир можеа да добијат судска опомена или казни од 300 до 500 евра, но бидејќи станува збор за странски државјани кои не се осудувани, 223 полски навивачи добија казни од 150 евра. Според пресметките, вкупно дале 33.450 евра.

Иако имаше информации дека на навивачите ќе им биде забранет влез во земјава, сепак од Судот брифираат дека за вакво дело не се добива забрана за влез во земајва.
„Пасошите им беа одземени додека не ја платат казната, а потоа им беа вратени. Станува збор за странски државјани неосудувани во земјава и тоа беше земено како олеснителна околност“, велат од Кривичниот суд.

Во петокот, пред почетокот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Полска, поголема група полски навивачи се степаа во Паркот на франкофонијата и сите беа однесени во полициските станици Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба.

Поради големиот број на уапсени, во функција за нивни превоз беа ставени неколку стари автобуси на ЈСП, а сите го минаа денот и ноќта во полициските станици во Карпош, во Гази Баба, во Кисела Вода и во Ѓорче Петров.

Околу 1.500 полски навивачи имаа прилика да ја поздрават минималната победа (1:0) на нивната репрезентација над Македонија во квалификациите за Европското првенство во 2020 година.

Откако беше приведена големата група навивачи, приведен беше уште еден полски навивач бидејќи по натпреварот, во саботата наутро во 4.30 часот, пијан правел проблеми во хотелот кајшто бил сместен.

За време на натпреварот пак еден од навивачите се изгубил во Дебар Маало. Веднаш, на социјалните мрежи граѓани објавија статуси за помош. Тој немал телефон со него, а пријателите биле на стадионот, а не го знаел ниту хотелот каде е сместен. За среќа, веста се рашири бргу, па вработени во хотелот каде бил сместен го препознале и реагирале.

Фото: Борис Грданоски