Полскиот суд ги забрани речиси сите абортуси


Поради епидемијата со корона вирусот ќе биде многу тешко да се организираат протести против одлуката

 

Највисокиот полски суд во четвртокот ја заостри една од најтешките регулативи на ЕУ за абортус со одлука дека абортусите направени поради фетални дефекти се неуставни.

Пресудата значи дека полските жени можат да абортираат само во случаи на силување или инцест, или ако е загрозен животот на жената.

Прашањето за абортусот е минско поле за владејачката националистичка партија Право и правда (ПиС). Таа е под притисок на екстремно десничарските и ултра-католичките групи со кој тешко може да се справи, но тоа ризикува да ги налути полските жени. Законски напор за ограничување на абортусите во 2016 година испрати стотици илјади жени на улиците и поттикна брзо повлекување од страна на владата.

Со свртување кон Уставниот трибунал, ПиС избегна да започне легислативна борба, но опозицијата, женските групи и многу европски организации ја осудија одлуката.

Сепак, уличните протести ќе бидат тешки за организирање поради влошувањето на епидемијата на корона вирусот во Полска. Целата земја треба да биде прогласена за „црвена зона“ во петок.

Полска има само околу 1.100 легални абортуси годишно, главно извршени според клаузулата за фетална абнормалност, според Федерацијата за жени и планирање на семејството, позната како „Федера“, невладина организација за женски права.

„Навистина се надевав дека ова нема да се случи. Правата на жените да живеат здрав живот само што беа тргнати настрана“, рече Кристина Какпура, шеф на „Федера“.

„Тоа не значи дека сега нема да има абортуси“, додаде таа. „Тоа значи дека посиромашните жени ќе абортираат ризикувајќи го животот и здравјето, а побогатите ќе плаќаат за ова во во Чешка, Словачка, Германија или Холандија. Клиниките за абортус денес мора да се пресреќни“.

Таа процени дека вистинскиот број на абортуси од страна на полски жени е помеѓу 100.000 и 150.000 годишно.

Трибуналот донесе одлука за барањето поднесено минатата година од над 100 конзервативни пратеници, со кое се бара судот да утврди дека абортусот врз основа на фетална абнормалност е антиуставен, бидејќи се крши правото на детето да биде без дискриминација од здравствени причини.

Јежи Квањевски од католичката организација Ордо Јурис, која интензивно водеше кампања за забраната, ја нарече одлуката „одличен ден“.

Пресудата, исто така, ризикува да ги влоши веќе заострените односи со Брисел, бидејќи легалноста на составот на Трибуналот останува спорна.

Шефот на Трибуналот, Јулија Пжилебска, е лична пријателка на водачот на ПиС, Јарослав Качињски. Само двајца од 13-те судии на судот се спротивставија на пресудата. (Политико)