Полскиот министер за земјоделство дадe оставка поради украинското жито


Полскиот министер за земјоделство Хенрик Ковалчик поднесе оставка поради украинските цени на житото, пишува Ројтерс.

Ковалчик рече дека одлучил да ја напушти функцијата поради одлуката на Европската комисија да го продолжи увозот на  жито од Украина без царина до јуни 2024 година. Полските фармери повикаа на воведување тарифи.

„Бидејќи е јасно дека ова барање нема да биде исполнето од Европската комисија во овој момент, решив да поднесам оставка од функцијата министер за земјоделство“, рече Ковалчик.

Полска сака Европската унија да ги искористи сите расположливи средства за да го ограничи влезот на украинското жито на пазарот на Унијата, имајќи предвид дека земјоделците сѐ повеќе се незадоволни од падот на цените и продажбата.

„Бараме употреба на сите регулаторни инструменти – квоти, тарифи – кои ќе го ограничат или блокираат увозот на украинско жито во Полска“, рече премиерот Матеуш Моравјецки на прес-конференција минатата недела.

Украинското жито ги потисна цените и продажбата на полските земјоделски култури

Украина е еден од најголемите извозници на жито во светот, но руската инвазија го попречи нејзиниот извоз преку пристаништата на Црното Море. Минатото лето беше постигнат договор со посредство на ОН и Турција за коридор за обезбедување на снабдување на земјите од Блискиот Исток и Африка, кои се главни клиенти.

Дел од украинските пратки во меѓувреме беа пренасочени преку Полска и Романија, а некои таму го завршија патувањето. Бидејќи се поевтини од родот на локалните земјоделци, тие вршат притисок врз цените и нивната продажба.

„Полска ќе побара од Европската комисија да примени заштитна клаузула за увоз на жито од Украина во Полска“, рече Ковалчик минатата среда по состанокот со претставниците на фармерите, додавајќи дека Полска ќе ги повика Словачка, Романија, Унгарија и Бугарија да преземат слични чекори.