Полската граница со Белорусија ќе ја обезбедуваат вкупно 15.000 лица


Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак денеска во градот Јариловка на истокот на Полска изјави дека на границата со Белорусија започнува формирање на специјална воена група РЕНГАВ, во која војниците префрлени од западните и централните региони на земјата ќе поминат обука и ќе служат како резерва во случај на ескалација на кризата.

„Нема сомнеж дека белорускиот режим соработува со Русија, а нападите на полската граница имаат за цел да ја дестабилизираат нашата земја. Полските граници се под закана. И натаму сме сведоци на притисокот на полската граница, обидите на илегалните мигранти да ја преминат, а на тоа ги поттикнува белорускиот режим“, рече Блашчак во базата на полските војници кои ја чуваат границата со Белорусија.

Полската гранична стража неделава побара помош од 1.000 војници, но министерот Блашчак реши да префрли дури 10.000 војници на исток до границите, од кои 4.000 ќе ја чуваат границата заедно со Граничната стража, а 6.000 ќе претставуваат резерва.

Додека не се постави ограда висока 5,5 метри со камери и сензори, границата со Белорусија ќе ја обезбедуваат вкупно 15.000 припадници на полската војска и граничната стража, а подоцна дел од војниците ќе се повлечат.

Годинава повеќе од 19.000 илегални мигранти се обиделе да влезат во Полска преку границата со Белорусија, а минатата година, според податоците на граничната стража, ги имало 16.000.