Полска утре ќе го ратификува Протоколот за членство во НАТО


Полскиот парламент утре наутро ќе го ратификува Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија.

Ова денеска го изјави полскиот амбасадор во земјава  Војциех Тицињски, кој учествуваше на дипломатската дискусија со амбасадорите на земјите членки на НАТО на тема „Патот до Брисел“, на која говореа и премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Ова не е коинциденција, зошто ова се случува токму во овие денови, и сакавме да го поканиме претседателот на Собранието Талат Џафери да присуствува на овој настан, но за жал тој е во странство во момент, но на гласањето ќе присуствува заменик-преседателот Весел Мемеди, рече Тицињски.

Според него, пристапувањето во НАТО не е лесен, туку комплексен процес, мора да се носат тешки одлуки, и од политички аспект, но најважно е тоа што ќе го добиеме како финален резултат.

– Ние сме 20 години членки на НАТО и навистина вредат сите ваши напори, додаде полскиот амбасадор во земјава.

Дипломатската дискусија, во рамките на НАТО неделата, ја организираат Министерството за одбрана, Евро Атлантскиот совет (АТА) и амбасадата на Република Словенија.