Полска протера 45 руски дипломати поради шпионажа


Полска  соопшти дека протерала 45 руски дипломати поради шпионажа, обвинение кое рускиот амбасадор во Полска веднаш го отфрли како неосновано.Министерот за внатрешни работи Мариуш Камински го објави ова на Твитер.

„Полска протера 45 руски шпиони кои се преправаа дека се дипломати“, напиша тој. „Ја демонтираме мрежата на руските специјални служби во нашата земја“.

Рускиот амбасадор во Полска, Сергеј Андрејев, ги потврди протерувањата, велејќи им на новинарите дека на засегнатите лица им биле дадени пет дена да ја напуштат Полска.

„Нема основа за вакви обвинувања“, рече тој, додавајќи дека Русија го задржува правото да преземе одмазднички мерки.

„ Амбасадите остануваат, амбасадорите остануваат“, додаде тој.

Претходно  полската контра-шпионажна служба АБВ објави дека привела полски државјанин осомничен за шпионажа за руските тајни служби.

„Уапсениот работел во архивата на матичната служба во Варшава“, објави на Твитер портпаролот на ABW Станислав Зарин.

„Активноста на осомничениот претставуваше закана и за внатрешната и за надворешната безбедност на Полска“, додаде тој.